Њујоршките милијардери на баци рака кај Мамдани

Првиот муслимански градоначалник на Њујорк, во трката не се соочуваше само со обвинувања дека е комуњара, антисемит и некој што ќе воведе шеријатско право, туку против себе ja имаше и моќната кохорта милионери и милијардери од градот кои покажаа ретка класна солидарност истурајќи десетици милиони долари за тој да изгуби. А после, тој победи. 

Главен меѓу конвертитите е милијардерот Бил Акман, кој потроши милиони лични пари за да ја уништи кандидатурата на Мамдани, предупредувајќи на социјалните медиуми дека градот ќе „стане многу поопасен и економски неодржлив“ ако Мамдани го победи Ендру Куомо на листата на демократите. Акман ветуваше дека има „стотици милиони долари достапен капитал“ ако вистинскиот кандидат се појави во трката.

После победата на Мамдани, истиот напиша: „Честитки за победата. Ако можам да му помогнам на Њујорк, само кажете ми што можам да направам“.

Во истиот свет на високите финансии е и извршниот директор на ЈП Морган Чејс, Џејми Дајмон, кој за Мамдани велеше дека „повеќе е марксист отколку социјалист“ и го критикуваше дека турка „идеолошка каша што не значи ништо во реалниот свет. Сега нуди помош и призна дека денот по победата, оставил порака за Мамдани со желба да се видат. 

Крипто милијардерот Мајк Новограц ги повика своите сограѓани да побараат од Мамдани да го одржи Њујорк како просперитетна заедница“. 

Некои пак победата на социјалистот ги замолчи. Таков е коосновачот на Ербнб, Џо Гебија, кој донираше пар милиони во два анти-Мамдани блока, како и Блумберг, поранешниот градоначалник кој вложи 5 милиони долари во борбата против „црвената закана“.

Останува да се види како Мамдани ќе владее и како ќе реагира големиот бизнис иако е јасно дека ќе има многу компромиси и - како резултат на тоа - разочарувања.

„Сигурен сум дека многу жители на Њујорк би сакале Мамдани да ги остави овие милијардери во чекална цела вечност, но, не се тие наивни. Сепак, зашеметувачко е чувството да се видат господарите на универзумот како се потат и се поклонуваат, барем засега. Хејтерите навистина стануваат само келнери на масата на успехот“, пишува Кетрин Кругер во Интерсепт.

13 ноември 2025 - 19:59