Грузиецот Зураб Читаја пред две недели се појави пред суд во Тбилиси поради објава на неговиот профил на Фејсбук во која изразил незадоволство кон лидерите на опозицијата поради неефикасно дејствување. Како забелешка, на крајот допишал и сочна пцовка кон владејачката партија Грузиски сон. Иако немало поднесено претставка од ниту една оштетена страна, полициски службеници задолжени за следење на содржините на интернет заклучиле дека е „нарушен јавниот ред и мир“.
Судијата брзо го прогласил Читаја за виновен, му изрекол парична казна од 3.000 грузиски лари (околу 1.100 долари), со предупредување дека за повторување на делото може да добие 20-дневен административен притвор.
Процесот е чист бирократски театар. Зарем не се дозволени пцовки на Фејсбук? Дали навредив некого конкретно? прашува Грузиецот.
Тој е една од низата жртви на националната кампања за контрола врз јавниот говор. Во февруари Парламентот усвои измени на Законот за административни прекршоци (наследен од советскиот период) и воведе одредби за казнување на „вербални навреди, пцуење, провокации и други навредливи постапки насочени кон политички функционери, државни службеници и вработени во јавниот сектор“. За прв прекршок следува парична казна меѓу 1.500 и 4.000 лари или до 45 дена административен притвор, а за повторување 6.000 лари или затвор од 5 до 60 дена. Во некои случаи, вулгарните коментари на социјалните мрежи резултирале со затворска казна.
Во јуни Министерството за внатрешни работи формираше посебно Одделение за борба против говор на омраза, составено од 10 лица. Неговиот мандат опфаќа следење на јавните изјави и проактивно идентификување на „јазик што го навредува достоинството“. Службениците следат профили на социјалните мрежи, прават снимки од екранот и изведуваат граѓани пред суд. Во текот на првиот месец, одделението идентификувало 170 наводни прекршоци и упатило 150 случаи до суд. До 1 јули, судиите донеле одлуки за 33 случаи, изрекле 31 парична казна и две опомени.

Владините претставници ја оправдуваат строгата мерка како суштинска морална кампања за прочистување на политичката клима од токсично непријателство. Според премиерот Иракли Кобахидзе, вербалното навредување не е заштитен облик на изразување, туку „оружје што политичките непријатели го користат за дестабилизација на земјата“. Тој истакна дека законот ќе се спроведува без двојни стандарди со цел целосно да се искорени говорот на омраза од грузиското општество.
Ова доведе до необичен случај во местото Зестапони, каде што бил покренат процес поради груб коментар на интернет против Тамар Черголеишвили, лидерка на опозициската партија Федералисти. Таа дознала за спорниот коментар дури кога случајот завршил на суд.
Луѓе кои не ги познавам се собраа во регионалниот суд и беа принудени да се извинуваат едни на други за тоа што ме навредиле – нешто за што јас никогаш не сум слушнала, а камоли да сум поднела жалба. Добро е што тој несреќен човек беше поштеден од парична казна и што неговото каење беше оценето како доволно, изјави Черголеишвили.
Адвокатот Михаил Закареишвили, кој застапува осуммина обвинети, изјави дека судовите ги игнорираат одредбите од новиот закон. За пресуди за јавно пцуење потребни се докази дека бил нарушен јавниот ред, а навредите упатени кон полицијата или службените лица се казнуваат само ако се поврзани со нивните службени должности.
На ниту едно од рочиштата не беа утврдени тие елементи. За нив дури и не се дискутираше, тврди адвокатот.