Во доба на роботаксија, Убер се обложува на луѓе 

Убер вложува милијарди во новите автомобили без возачи, но верува дека клучниот фактор за економска исплатливост е да го зголеми бројот на возачи. Компанијата пресметала дека хибридна мрежа во која се вклучени луѓе може да ја зголеми зафатеноста на автономните возила што би носело поголем профит отколку флота составени исклучиво од роботаксија.

Во калкулациите на Убер, роботаксијата се како патнички авиони: создаваат трошоци дури и кога не превезуваат патници. Колку повеќе патувања прави секое возило, толку повеќе приходи компанијата може да извлече од скапата инвестиција, која освен единечниот трошок за купување опфаќа и одржување на возилата, осигурување и користење на инфраструктурата.

Од друга страна, услугата за превоз преку апликација е бизнис што зависи од понудата. Теоријата на Убер е дека автономните возила не треба да бидат замена за возачите, туку дополнителна форма на понуда. Поголемата понуда носи пониски цени, пократко време на чекање и поголема доверба од клиентите што ја поттикнува побарувачката и на крајот го зголемува вкупниот пазар.

Економската исплатливост на роботаксијата сè уште не е докажана. Ниту една компанија сè уште не заработува пари ниту пак некој ги користи во огромен обем. Треба да се докаже дека автономните возила и сè што е потребно за поддршка на флотата на крајот ќе бидат поевтини од денешниот модел на превоз, вели Сарфраз Маредија, шеф за автономна мобилност и испорака во Убер.

Слична филозофија има и компанијата Lyft. Автономните возила би се справиле со основното оптоварување на секојдневната побарувачка, а човечките возачи би обезбедиле дополнителен капацитет за време на сообраќајниот шпиц, лоши временски услови, концерти, спортски натпревари и други скокови на побарувачката.

Маредија како пример ги посочува и услугите во доцните часови. Тогаш вообичаено се полнат роботаксијата бидејќи струјата е најевтина, па во времето на затворање на баровите товарот за брза услуга се префрла на возачите. Автономните возила, исто така, главно се насочуваат на пократки патувања до центарот на градовите, а возачите добиваат подолги, попрофитабилни патувања.

Хибридниот пристап ѝ овозможува на компанијата да ја димензионира својата флота за нормална побарувачка, задржувајќи возачи „на повик“ во вонредни услови. Возачите се платени само кога работат, додека роботите чинат пари дури и кога се паркирани.

Компанијата признава дека новата политика непропорционално ќе ја погоди категоријата возачи кои се во Убер заради дополнителни приходи. Некои ќе бидат отпуштени, а други ќе мора да работат подолго за да ја заработат истата сума.

Луѓето може да помогнат да функционира математиката на Убер. Помалку е сигурно дали математиката ќе биде исто толку добра и за луѓето, заклучува Аксиос.

******
Види и: Возачи го тужат Убер поради „бездушниот“ алгоритам

23 септември 2026 - 12:57