Возачи го тужат Убер поради „бездушниот“ алгоритам

Возачите се жалат дека Системот за динамично плаќање на Убер, кој функционира со помош на ВИ, ги прекршува законите за заштита на податоците и ја намалува нивната заработка. Прави база на податоци за секој возач и за иста работна задача му нуди значително помала цена на оној за кој проценува дека би прифатил помала заработка.

Тужбата, која опфаќа околу 241.000 возачи низ ЕУ и Обединетото Кралство, тврди дека Убер незаконски користел автоматизирано донесување одлуки и профилирање при динамичното одредување на плаќањата и доделувањето работни задачи. Исто така се тврди дека компанијата незаконски ги користела податоците на возачите за обука на своите модели на ВИ, бара отштета за засегнатите возачи и судска наредба за запирање на практиката која ги прекршува прописите за заштита на податоци (GDPR).

Во колективна постапка против американската компанија за превоз, возачи од Британија и Холандија тврдат дека живеат во постојан страв од „бездушниот“ алгоритам. И возачи од други земји се приклучија кон барањето за отштета, која би можела да достигне милијарди долари. Тужбата е поднесена до Окружниот суд во Амстердам, каде што е европското седиште на технолошката компанија од Сан Франциско, чија вредност е проценета на 150 милијарди долари.

Случајот се фокусира на нетранспарентниот алгоритам од Системот за динамично плаќање со ВИ, кој црпи информации за возачите и одредува персонализирана цена за секое возење. Откако Убер во 2023 година почна да го применува Системот за динамично одредување плати во Британија, годишните приходи на возачите се намалени за околу 5.000 фунти. Системот беше воведен во Холандија оваа година.

Алгоритмот е шеф. Постојано ве набљудува и да ги знае вашите слабости. Постојано учи за вас и што сте подготвени да прифатите. Цените паѓаат, а вие сте заглавени. Тој знае дека ви е потребна работата, вели Мохамед Ширва, 41-годишен возач на Убер од Ротердам.

За иста тура, алгоритмот им нудел различни цени на возачи или нудел помала сума за возење по долга тура, со проценка дека се спремни на враќањето назад да пренесат друг клиент.

Британецот Кола Оба, вели дека за трансфер во Лондон алгоритмот му понудил 23 фунти, а на негов колега 27 фунти за истата задача. Двајцата се посомневале дека причината е тоа што Оба претходно прифатил неколку послабо платени ангажмани, па ВИ проценила дека тој ќе прифати пониска цена.

Застрашувачки е. Тие ги имаат сите мои податоци и ги користат на моја штета. Тоа влијае врз тоа колку заработувам, колку долго морам да работам, како и врз времето за одмор, вели Оба.

Убер одговара дека разликите се резултат на други карактеристики на системот, вклучувајќи ги GPS-от, зголемените цени во периоди на голема побарувачка, промоциите и тестирањата. Цените се пресметуваат врз основа на информации во реално време за трасата, времетраењето и дестинацијата.

Возачите ја гледаат својата заработка и крајната дестинација на возењето пред да одлучат дали да ја прифатат задачата. Огромен дел од вкупните износи од возењата оди таму каде што треба – во џебовите на возачите. Процентот што Убер го задржува остана релативно непроменет, објави компанијата.

Холандскиот орган за заштита на податоци минатиот месец му изрече казна на Убер од 825 милиони евра поради деактивирање на сметките на возачите преку автоматизирани системи, без соодветно известување. Убер најави жалба.

3 септември 2026 - 08:42