Залужниј барал неговите сили да започнат решителна контраофанзива уште во 2022, но таа не се случува затоа што САД не биле подготвени да прифатат такво нешто. Неговиот план од 2022 е ист како и од минатата година, да се пробие низ Запорожје и да се отсечат јужните руски сили и да се изолира Крим.
Во 2022, зад овој план на Залужниј застанува и Зеленски. Во тоа време Русија се уште ги нема поставено ни обемните мински полиња, ни утврдувања и ровови кои комплетно ја запреа украинската контраофанзива.
Иако тоа и понатаму ќе беше сериозен подвиг за украинската армија, процената е дека залетот што го имаа од битката за Киев и руското рапидно повлекување од огромни пространства окупирана територија, значително ќе ја помогнеше нивната контраофанзива.
Како што тврди главниот дописник за надворешни работи на Вол стрит журнал, Јарослав Трофимов, за оваа операција Залужниј нема некои големи побарувања од Американците, туку е задоволен со дополнителни 90 хаубици и доволно артилериска муниција.
Претпазливоста на САД се должи на тоа што додека се планира таа контраофанзива Украина се уште нема покажано некоја значителна офанзивна способност, а стравот е дека линија од Бердјанск, до Мелитопол и од таму до Азовото море ќе биде полна со ранливи точки, „посебно имајќи ја предвид несигурноста дали Украина може да ги координира своите бригади за ефикасна офанзива.“
Трофимов пишува дека од тогашната американска перспектива „неуспехот е многу веројатен, а последиците се потенцијално катастрофални.“ Наместо тоа, Американците предлагаат напад и ослободување на Херсон. Нападот на Херсон подоцна успева и е вратен под украинска контрола.
На ставот на Американците дека украинската армија нема доволно обучен персонал и опрема за да тргне кон Азовото море, Залужниј порачува дека Украина „мора да напаѓа каде што треба, а не каде што може.“