Зеленски се врати од Давос со празни раце

Владимир Зеленски стана махер да доаѓа до пари за Украина кога треба да се убедуваат државници чија работа е да располаѓаат со туѓи пари. Европјаните и Американците уште немаат пресметано колку пари од нивните даноци вкупно имаат отидено за Киев и војната против Русија. Но, кога се работи за приватни пари, работата оди малку потешко. 

Ладниот прием на кој Зеленски наиде на Светскиот економски форум во Давос зборува многу за огромните предизвици кои допрва му претстојат на Зеленски и Украина, пишува  Њујорк Пост.

А „пичот“ во Давос не му беше лош: и покрај континуираниот конфликт, инфлацијата во неговата земја е намалена на под 6% од дури 30%; скромно но економијата расте а наредните месеци се планира да се отвори виталниот аеродром во Киев. Западниот дел на земјата е прилично безбеден од бомбардирање, им објасни тој на банкарите и потенцијалните инвеститори.

Ним им е јасно дека Украина е извонредна инвестициска шанса, особено на тешкаши како ЈП Морган кои предводат иницијатива за формирање инвестициски фонд за Украина. И луѓе од Блекрок и Блекстон пред камерите рекоа дека се подготвени за дилови со Украина.

Но украинскиот претседател од таму сепак замина со празни раце затоа што ниеден цврст договор или обврска не беше постигната.

Веројатно најблиску е милијардерот Роберт Крафт (сопственик на Њу Ингланд Патриотс), чија групација Крафт планира да отвора фабрики во западна Украина. Но, не им се брза.

„Имавме прелиминарни разговори за потенцијален бизнис во иднина но ништо од тоа не е неизбежно“, соопшти портпаролот на Крафт.

Се работи за 100 милиони долари. Фини пари но премалку за она што е потребно за да се забревта посериозен економски раст и далеку под она што реално може да го собере Волстрит во вистински околности.

Големите пари чекаат, не само Зеленски да ги убеди дека сериозно работи на намалување на корупцијата туку и помирни услови, бидејќи е јасно дека пари не се враќаат онаму каде што паѓаат бомби. Во тој поглед Зеленски во Давос не даде позитивен сигнал, порачувајќи дека нема намера да преговара со Путин кого го споредува со Хитлер.

„Тоа значи дека приватни пари во која било знаајна сума Украина нема наскоро да види. Сигурен сум дека и од ЈП Морган му дале до знаење на Зеленски дека Украина ќе има пристап до милијарди долари од приватниот капитал, институционалните инвеститори и богатите Американци во онаа секунда кога ќе престанат да фучат крушуми. Но, ниту една секунда пред тоа,“ пишува Чарлс Гаспарино.

21 јануари 2024 - 10:30