„Батеријата може да им овозможи на уредите како што паметните телефони да работат на неодредено време без полнење или на беспилотните летала да функционираат без слетување“, порачува кинескиот стартап Бетаволт.
Долгиот животен век на страна, батеријата работи добро и при екстремни услови.
За разлика од традиционалните батерии, оваа нуклеарна батерија работи безбедно под екстремни услови, на температури од плус 120 до минус 60°C и е отпорна на удари и пукање, без да се запали или експлодира.
Батеријата BV100 е со димензии 15 x 15 x 5 mm, со излезна моќност од 100 микровати и 3 волти. Се планира масовно производство до крајот на оваа година а за догодина се најавува верзија од 1 ват.
Основниот принцип на нуклеарните батерии е технологијата на изотопи, првпат предложена во 1913 година од британскиот физичар Хенри Мозили. Таа ја користи енергијата од нуклеарното распаѓање на радиоактивни елементи. За разлика од нуклеарната фисија или фузија, нуклеарното распаѓање е спонтан процес во кој изотопи испуштаат радијација, што доведува до постабилни нови атоми. Научниците ги инкапсулираат овие изотопи, претворајќи ја енергијата што се емитува во употреблива електрична енергија.
Животниот век на нуклеарната батерија е во корелација со полуживотот на изотопот што се користи како извор на енергија. На пример, полуживотот на азот-16 е само 7,13 секунди, додека на калиум-40 е околу 1,3 милијарди години.
BV100 користи никел-63 како извор на зрачење, кој има полуживот поголем од 100 години, обезбедувајќи батеријата да остане оперативна барем 50 години.