Вести

Корејските работници одат на штрајк против роботите

Се повторуваат лудистичките движеа и протести од 19-от век, кога квалификувани текстилни работници од Англија (ткаачи, плетачи на чорапи и слично) кршеа машини, спротивставувајќи се на механизацијата што им ја загрозувала егзистенцијата. Денес опасноста доаѓа од роботите а историјата им дава право на работниците да бидат загрижени: да не остана некој денес рачно да плете чорапи?

Никој нејќе син да крсти Доналд

Да се крсти машко бебе Доналд не е многу популарно во моментов. Новите податоци од Администрацијата за социјални услуги покажуваат дека името го достигнало најниското ниво на популарност во историјата на САД. „Доналд“ денес се наоѓа на 690-тото место по популарност на машки имиња. Ама па може кај тие што чуваат магариња е поинаку.

Скенер каков што досега немало

Midjourney - компанијата за вештачка интелигенција која стана позната по генерирање слики од текстуални инструкции, својот оддел за медицински хардвер го промовираше со демонстрација на  функционален прототип на скенер за цело тело, различен од сè што некогаш постоело. Ве потопуваат во вода и после една минута сè е јасно за вашите органи, ткива, крвни садови, коски, мускули и распределба на масти.

Речник

Гугл предупредил луѓе за земјотресот во Венецуела

Милиони луѓе во Венецуела на своите андроид телефони добиле предупредување од Гугл непосредно пред да ги погоди катастрофалниот земјотрес во кој настрадаа стотици ако не и илјадници луѓе. Предупредувањето дошло само неколку секунди пред земјотресот. Можеби не секогаш доволно да се спаси жива глава но доволно за да се постави старото прашање: може ли технологијата да нè спаси?

Британци добиваат наредби да ги извадат климите од дома

Британија спроведува амбициозна и ригидна политика на нето нула емисии согласно која клима уредите се само за во крајна нужда, откако ќе се исцрпат сите други методи за „пасивно ладење.“ Замислете на топлово да ви дојдат дома инспектори од општина и да ви кажат дека не е убаво што ви работи климата. Колку бенефициран стаж треба да добијат преживеаните инспектори?

Крајот на трансатлантизмот

Актуелната криза меѓу Европа и САД означува крај на една ера. Без оглед на тоа кој ќе го наследи Доналд Трамп, никој нема да дојде во Европа и да каже „Америка се врати!“. Врските изградени врз специфични глобални карактеристики се прекинати. Со трансатлантизмот е завршено како идеологија, но тоа не значи дека Европа и САД по бурниот развод не можат да останат пријатели.

Европа засилено го труе светот со забранети пестициди

Иако Европската комисија пред пет години забрани користење и извоз на долг список пестициди за кои оцени дека се претерано токсични, европските биотехнолошки корпорации за близу 50% го засилиле производството токму на забранетите хемикалии. Со нив ќе се запрашуваат фарми во САД, Бразил и низа други земји, а дел од отровите ќе се вратат во Европа преку увезената храна.

Научници бараат да го разнесеме 2024 YR4 со атомски бомби

НАСА пред три години намерно удри вселенско летало во мал астероид и му ја измести траекторијата за да открие дали со таа техника може да ја заштити Земјата од вселенски карпи. Научници сега бараат уште порадикална акција – со нуклеарни бомби целосно да се уништи големиот астероид 2024 YR4, кој е насочен кон нашата планета, иако е мала веројатноста дека ќе ја погоди.

Нвидиа вложува 100 милијарди долари во ОпенАИ

Нвидиа, кој е највредна компанија во светот, ја користи својата финансиска моќ за да се обезбеди дека нејзините напредни чипови ќе ја напојуваат технологијата за развој на вештачка интелигенција и градење бази на податоци, кои ќе бидат двигател на глобалната економија во блиска иднина. ОпенАИ, пак, добива финансиска стабилност и инфраструктура за развој на нови модели со ВИ.

Признавањето на Палестина може да ја чини Британија 2.000 милијарди фунти

Одлуката на премиерот Кир Стармер официјално да ја признае Палестина отвора пат на палестинските власти да побараат репарации за штетата од британската управа пред еден век. Палестинскиот лидер Махмуд Абас отворено го побара тоа пред две години пред ОН. Сумата што треба да ја плати Обединетото Кралство експерти ја проценија на 2.000 милијарди фунти.

Преку 70% од оние кои ја имаат визата која поскапува се Индијци

Одлуката на Доналд Трамп драстично да ја зголеми цената на визата за високостручни кадри Х-1Б, предизвика паника во технолошкиот сектор во Америка и особено во индијските заедници чии државјани се најголемата група на иматели на вакви визи. Од компаниите, Амазон има ангажирано најмногу ваков профил, преку 10.000 лица.

Милиони Германци не можат да платат струја

Одлуката на Берлин да се откаже од увоз на евтиниот руски гас поради војната во Украина ги принуди Германците да почувствуваат што значи да не може да се врзе крај со крај во месецот. Поскапувањето на енергијата, комуналиите и неочекуваните трошоци финансиски ги преоптовари домаќинствата, па на милиони Германци им останале неплатени сметки за струја и греење. 

Албански селанец: Дури и гангстерите избегаа во Англија

Селото Голај во северна Албанија е богато по вили, а сиромашно по луѓе. Од околу 4.000 жители, во Британија заминале речиси 60% од младите. Се враќаат секое лето за да се погрижат за старите, да се пофалат со лимузини или да градат вили. Многумина така ги перат фунтите од криминалот. Тоа ги прави горди нивните семејства, кои не прашуваат од каде им се парите.

Ги имаме светските рекордери во... копање гробови

Ласло Кис и Роберт Наги од Унгарија ја одбранија титулата со време од 1 час, 33 минути и 20 секунди. Својата супериорност во светскиот шапионат кој на 6 септември се одржа во Унгарија не го припишаа на посебен тренинг туку на секојдневната рутинска работа. Фенерџии беа двајцата гробари од Новосибирск кои за лошиот резултат го обвинија жешкото време.

Светот сака ремонтирани Обединети нации

Верувале или не, дури и Американците се согласуваат дека на светот му е неопходна глобална институција што би го одржувала мирот, би трасирала насоки за решавање на проблемите и би поттикнувала развој. Ама не како што тоа го прават Обединетите нации. ОН на 80 одамна се зрели за пензија, но упорно се обидуваат со политики од 1946 година да ги решаваат проблемите од 21 век.

Признавањето на Палестина е симболично перење на нечистата совест

Бранот признавања на палестинската држава нема да ги спаси од страдања Палестинците, зашто тој симболичен потег на големите европски земји е насочен кон нивната домашна јавност и треба да ја покрие нивната немоќ да реагираат на геноцидот во Газа. Признавање без решителни акции може да биде сурова пресуда за Палестинците: да имаат држава на хартија, а во реалноста да немаат територија.

Трамп: Парацетамолот е причина за аутизмот

Администрацијата на Трамп тврди дека нашироко користениот лек тиленол, кај нас познат како парацетамол, е главната причина за аутизмот кај децата. На денешната прес-конференцијата, која ја опиша како „историска“, тој ќе претстави и лек со кој може да се третира аутизмот, кој е дијагностициран со повисоки стапки кај децата во САД во изминатите неколку децении.

Здравите црева бараат гушкање

Пре-, про- и пост-биотиците се популарна, скапа и слаба замена за она што треба да го прават, да ја обноват здравата цревна флора која е исклучително важна за општото здравје. Постојат поефикасни природни начини да им помогнете на цревата и нивниот микробиом. На пример, малку да ги извалкате рацете. На пример, да гушнете некого. 

Шимпанзата се на две пијачки дневно

Истражувачите од Универзитетот во Калифорнија откриле дека шимпанзата што јадат ферментирано овошје во нивните природни живеалишта консумираат еквивалент на два алкохолни пијалоци дневно. Ова ја поткрепува хипотезата по која човечката склоност кон алкохол е наследство од навиките на нашите предци. 

Колку долго треба да можете да стоите на една нога?

Нашите тела се менуваат како што старееме: од брчки до слабеење на меморијата и способноста за варење одредена храна. Освен ако не сте по јогата, не се случува често да треба да стоите на една нога. Нормално, не сте фламинго. Но, краток тест може да открие доста за вашето физичко здравје. Стоењето на една нога може да биде добар показател колку добро стареете.

За три четвртини од Американците, САД го изгубиле компасот

Убиството на десничарскиот активист Чарли Кирк, а и политичкото насилство воопшто, драматично ја намалиле довербата на Американците во правецот во кој тргнала нивната земја. Многу повеќе се разочарани републиканците, кај кои оптимизмот е речиси преполовен. Освен атентатот, ги загрижуваат и сигурноста на работните места, зголемените трошоци за живот и криминалот.

Снемува инсекти и кај што нема луѓе

Многу видови инсекти, од пеперутки до скакулци, се помасовно исчезнуваат, не само во региони во кои се загрозени од активностите на човекот, туку и во дивина. Нивниот број во изминатите 20 години се намалил и до 70% во региони што не биле допрени од човекот. Тоа сериозно го зголемува ризикот од домино-ефектот, во кој прво страдаат влекачите и птиците, а потоа и цицачите.

Австрија и Италија се споија под Алпите

Хидраулична дупчалка вчера ги проби последните карпи од тунелот што ќе ги спојува Италија и Австрија 1,5 километар под Алпите. Тунелот Бренер не е само градежно чудо, туку и витален дел од амбициозниот европски проект за потесно сообраќајно вмрежување, скратување на времето на патување меѓу метрополите и пробивање копнен коридор од Хелсинки до Палермо.

Нови препораки за вакцинирање деца во САД

Со новите препораки се разбива комбинираната имунизација од варичела, мали сипаници, заушки и рубеола во една вакцина кај деца под четири години. Тоа се поврзува со напади на треска кај децата по првата доза. Оспорена е и досегашната препорака за вакцинирање на сите новороденчиња против хепатитис Б, а не само на оние со ризик дека може да го наследат од мајката.

Трамп запнал американски трупи да се вратат во Авганистан 

Четири години по понижувачкото повлекување на американските сили од Авганистан, Доналд Трамп има намера да ги врати назад. Поради стратегиската локација и близината до Кина, фрлил око на базата Баграм, единственото парче земја што САД реално го контролираа во 20-те години окупација. Офицери предупредуваат дека враќањето би било тешко и скапо како нова инвазија.

Кина пробива нов Пат на свилата преку Арктикот

Кина тестира нова и потенцијално двојно побрза рута за бродски транспорт на стоки до Европа преку северните води. Тој пат повеќе од половина година е непрооден поради мразот, но Пекинг ја има на ум прогнозата дека климатските промени можат да го стопат мразот, па сака рано рано да стекне доминација. Преку Арктикот бродовите ќе патуваат 18 дена. Преку Суец пловат за 40.

НАТО, а не Русија, ја бомбардирал куќата во Полска

Проектилот што погоди куќа во Полска и низ медиумите беше претставуван како доказ за „дрскиот напад на Русија во првиот директен ангажман против членка на НАТО“, всушност била ракета истрелана од борбен авион на Алијансата. Додуша случајно, и немало жртви или повредени, но покрај куќата, уништена е и довербата во веродостојноста на извештаите за судирот со Москва.

Макрон собира научни докази дека Брижит е жена

Претседателот Емануел Макрон и неговата сопруга Брижит собираат фотографии, вештачења и научни докази за да докажат пред американски суд дека првата дама на Франција е жена. Документите ќе ги претстават во тужбата за клевета против десничарската инфлуенсерка Кендис Овенс, која тврди дека Брижит Макрон е родена како маж. Брижит да беше Бардо, немаше да се влечат по судови.

Сега па десницата ја засака кансел културата

Левичарската кансел култура со години уништуваше животи и кариери заради објави што твитер толпите ќе го проценеа како навредливи. Сега истите срања ги презема другата страна, барајќи замолчување не само на оние што го слават туку и на оние кои недоволно го оплакуваат убиството на Чарли Кирк. А сите се колнат во слободата на говорот. Додека тоа е нешто со кое тие се согласуваат.  

Џими Кимел исклучен од етерот

Телевизиската мрежа ABC го суспендира шоуто на Џими Кимел поради коментари на водителот за убиството на десничарскиот инфлуенсер Чарли Кирк. На денот кога Кирк беше застрелан, Кимел на Инстаграм го осуди нападот и изрази сочувство до неговото семејство, но во понеделникот ја критикуваше МАГА дека настојува да го политизира убиството и ја исмеваше реакцијата на Трамп.