Кога руските трупи ја нападнаа Украина, западните сојузници на Киев барале начин како да ѝ дадат поддршка на владата да се бори против Русија, а да не дозволат парите да исчезнат во џебовите на корумпирани менаџери и владини функционери. Украина веќе важеше за една од најкорумпираните земји во светот, а виталните индустрии беа контролирани од државни претпријатија кои долго време служеа како каси за елитата.
За да ги заштитат своите пари, САД и европските земји инсистираа Украина да им дозволи на надворешни надзорни одбори да го следат трошењето, да одобруваат назначувања директори и да спречуваат корупција. Истрага на Њујорк тајмс открива дека украинската влада во изминатите четири години систематски го саботирала тој надзор. Некои одбори биле наполнети со луѓе лојални на претседателот Володимир Зеленски, а други воопшто не биле формирани. Сето тоа се толерирало.
Мора да го прифатиме тој ризик, затоа што е војна. Во наш интерес е финансиски да ѝ помогнеме на Украина, бидејќи таа ја брани Европа од руски напади, вели Кристијан Сисе, специјалниот пратеник од Норвешка, која е еден од најголемите донатори на Киев.
Комичарот Зеленски во 2019 година беше избран за претседател со платформа дека ќе ја елиминира корупцијата. По инвазијата, тој ги олабави антикорупциските правила, наводно заради забрзување на набавката на оружје и заштита на воените тајни.
Кога антикорупциската комисија го откри скандалот со злоупотреба на стотина милиони долари од државното претпријатие за нуклеарна енергија Енергоатом, владата ја префрли одговорноста врз надзорниот одбор. Но, њујоршкиот весник објаснува дека властите претходно самите го онеспособиле механизмот за надзор. И не само во Енергоатом. Документи и интервјуа со 20 западни и украински функционери укажуваат дека имало политичко мешање и во државната компанија за електрична енергија Укренерго, како и во Агенцијата за одбранбени набавки.

Во Укренерго властите се вмешале неколку месеци пред војната. Тогашниот министер за енергетика Херман Халушченко го притискал директорот Володимир Кудрицки да поставува луѓе со ограничено искуство на менаџерски позиции. Директорот ги одбил барањата и имал поддршка од надзорниот одбор од седум члена – тројца назначени од владата и четворица странци предложени од ЕУ и западните банки. Владата на Зеленски инсистирала меѓу странските членови да биде и Роман Пионковски, полски експерт за енергетика. Западните претставници биле изненадени, но ја прифатиле номинацијата.
Во првите години од војната Укренрго добила странски донации од 1,7 милијарди долари. Наспроти огромните напори за да го одржи системот функционален, директорот Кудрицки бил сменет со образложение дека не ја заштитил инфраструктурата. Во знак на протест на оваа одлука, еден странски член на одборот поднесол оставка, а владата не го пополнила неговото место, со што добила простор за надгласување, користејќи го гласот на Пионковски.
Банката за обнова ги замрзнала новите плаќања кон Укренерго, но ги почитувала преземените обврски. Во европските престолнини никој не сакал да ја повлече финансиската поддршка, за да не се остави впечаток дека ѝ го вртат грбот на Украина.
Скандалите ѝ се вратија како бумеранг на Украина во периодот на најинтензивната мировна иницијатива. Зеленски остана без аргумент за приклучување на Украина во НАТО, но и за обнова на земјата кога војната ќе заврши.
Ако не ја исчисти корупцијата, Киев можеби нема да ги добие стотиците милијарди потребни за обнова на земјата. Ќе има поголемо двоумење дали се доделат големи средства, објаснува Арвид Тиркнер од Европската банка за обнова и развој, еден од најголемите финансиски спонзори на Киев.
******
Види: Зошто корупцискиот скандал е катастрофален за Зеленски
Од „слуга на народот“ до воен профитер