Одлуката е реакција на Брисел на засилените протести на јавноста против засилениот притисок на миграцијата врз безбедноста, традиционалните вредности и злоупотребувањето на социјалната помош, што придонесе за политички подем на десничарските партии.
Овие мерки ќе помогнат во поефикасното процесирање на барањата и ќе го намалат притисокот врз системите за азил. Тие испраќаат сигнал дека Европа нема да толерира никаква злоупотреба на своите системи, изјави европскиот комесар за миграција Магнус Брунер.
Нацрт-законот усогласен од министрите за правосудство и внатрешни работи на членките вклучува нов „солидарен фонд“ во кој од земјите што не се директно погодени од миграцискиот бран ќе се бара да прифатат азиланти или да плаќаат за секој мигрант од квотата што ќе одбијат да го примат. Ажуриран е и списокот со „безбедни земји“ чии жители нема да имаат право да бараат азил во Европа, освен во исклучителни околности.
Голема промена од досегашната политика е отворањето можност за основање центри за обработка на барањата за азил надвор од територијата на ЕУ, како и воспоставување „центри за враќање“ од кои ќе бидат депортирани мигрантите на кои им е одбиено барањето за азил.
Имаме многу висок прилив на нелегални мигранти. Илјадници луѓе се дават во Средоземно Море или се злоупотребуваат низ миграциските патишта, додека шверцерите на луѓе се богатат. Ова покажува дека сегашниот систем е фактор на привлекување, изјави данскиот министер за имиграција и интеграција, Расмус Стоклунд.
Новите мерки се сметаат за компромисно решение. Шпанија реагирала сметајќи ги за преостри, а Словачка за преблаги.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, пред само неколку дена ја оцени миграциската политика на ЕУ како „самоуништувачка“.
Со отворање на вратите на нивните земји за имиграција од африканскиот континент, елитите планираат да ја намалат гласачката моќ на белите Европејци... Повеќе од веројатно е дека најдоцна за неколку децении, мнозинството во одредени членки на НАТО ќе биде неевропско, се наведува во новата Стратегија за национална безбедност на САД.
******
Види: Политиката на ЕУ за мигрантите ќе ја збрише европската цивилизација