Милион долари не се доволно за место меѓу најбогатите 10% во Америка

Кој не сака да биде милионер? Општо прифатен став е дека седумцифрената сума обезбедува луксузен живот. Во денешна Америка, сепак, милион долари повеќе не се доволни за да се биде во елитниот клуб на најбогатите 10%, и едвај може да обезбеди удобни пензионерски години. Како што се оди повисоко, пирамидата на богатството е уште пострмна.

Според ново истражување на Northwestern Mutual, просечниот Американец денес смета дека треба да издвои 1,46 милиони долари само за да нема финансиски проблеми по пензионирањето.

Оние, пак, кои веќе поседуваат над 1 милион долари, велат дека им се потребни многу повеќе, дури 2,67 милиони долари.

Тоа е сведоштво колку е променета дефиницијата за „богаташ“ и колку се зголемил јазот помеѓу типичното американско семејство и оние на врвот од пирамидата. 

За да се премине прагот од 10% најбогати Американци, денес се потребни околу 2 милиони долари. Според најновите податоци од истражувањето спроведено од Федералните резерви, просечното богатство на американските семејства изнесува 1.063.700 долари. Но, медијаната на нето-вредноста изнесува само 192.900 долари.

Разликата помеѓу овие две статистички бројки укажува дека значително се зголемило богатството на ултрабогаташите, кое го крева националниот просек.

Вредноста на богатството изразена во долари значително пораснала во изминатите 25 години, главно поради забрзаното концентрирање на парите кај милијардерите. За споредба, прагот на приход за влез во горните 10% во 1990 година изнесувал 71.846 долари, што по прилагодување на инфлацијата денес би било 181.836 долари.

Најбогатите 10% Американци денес поседуваат 67% од вкупното богатство на домаќинствата. Над сумата од 2 милиони долари, јазот уште повеќе се продлабочува. Најбогатите 0,1% Американци само во изминатата година го зголемиле своето богатство за уште 10%. Ако се смета од времето на пандемијата, Американците што поседувале над 46 милиони долари сега имаат двојно повеќе – сите заедно нешто над 23.000 милијарди долари.

Тоа, пред сè, е последица на скокот на вредноста на акциите. Индексот S&P 500 во септември имаше годишен пораст од 12,3%. Од тие добивки несразмерно повеќе профитираат домаќинствата што поседуваат најголеми инвестиции. Во меѓувреме, според податоците на Бирото за статистика на трудот, инфлацијата на потрошувачките цени е околу 3,25% годишно.

25 септември 2026 - 10:41