Nomen non est omen

Ороспија, колку тоа гордо звучи!

Една од најжестоките битки помеѓу конзервативците и либералите се води на полето на репродуктивните права. А едно од најубиствените оружја кои притоа се користи е јазикот. 

За некои луѓе, фактот што жените можат да користат контрацепција по сопствен избор е знак за нивната одговорност кон сопственото здравје и кон благосостојбата на децата кои одлучуваат да ги донесат на свет. За други, овие жени се промискуитетни, себични, со еден збор - ороспии.

Наместо да ја троши тастатурата обидувајќи се да го избрише овој навредлив епитет, здружението Sluts Across America се одлучува со него да се „закити". На страницата со сугестивно урл - slutsacrossamerica.org - „ороспиите" од Америка а богами и од светот, означени со симболче познато како „гола жена во провокативна поза", можат да остават коментар за тоа зошто сметаат дека ја заслужуваат оваа ласкава титула. Целиот проект всушност има за цел да ја промовира контрацепцијата како право на секоја жена.

Засега во Македонија и соседните земји не гледаме ниту една „ороспија", а во Грција се пријавила само една. Затоа пак Шпанија врие. Каде рековте дека ќе одите за први мај?

27 април 2012 - 09:33