Американските коли ќе трошат и ќе чадат повеќе

Трамп им дозволи на американските компании да произведуваат коли и камиони што трошат повеќе гориво и испуштаат повеќе издувни гасови. Ги укина строгите ограничувања што ги наметнаа администрациите на Џо Бајден и претходно Барак Обама, кои во своите зелени агенди им даваа приоритет на новата генерација електрични возила.

Според новите стандарди утврдени од Трамп, потрошувачката на гориво за новите возила што ќе се продаваат во САД по 2031 година ќе мора да биде помала од 6,8 литри на 100 километри. Претходната администрација на Џо Бајден ја ограничи ефикасноста на возилата на 4,7 литри на 100 километри од идната деценија. 

Трамп најави дека ќе ги откаже и ограничувањата за дозволеното ниво на издувни гасови, воведени од Агенцијата за заштита на животната средина.

Белата куќа тврди дека со новите стандарди американските семејства ќе заштедат просечно по 1.000 долари при купување нов автомобил, чија просечна цена денес е околу 50.000 долари.

Овие правила ќе ѝ овозможат на индустријата да произведува возила какви што сакаат да купат Американците, а не како што сакаат Џо Бајден и (поранешниот секретар за транспорт Пит) Бутиџиџ, изјави министерот за транспорт Шон Дафи на церемонијата во Белата куќа, на која присуствуваа и првите луѓе на Џенерал Моторс, Форд и Стелантис.

Иако се олеснети, и новите ограничувања претставуваат предизвик за автомобилските компании. Статистички податоци укажуваат дека новите возила што се продавале лани во САД просечно трошеле по 8,4 литри на 100 километри.

Трамп веќе ѝ помогна на автомобилската индустрија со укинување на паричните казни ако нивните возила не ги задоволат стандардите за ефикасност на горивата. Во јуни тој со извршна наредба ја спречи сојузната држава Калифорнија целосно да забрани продажба на нови автомобили на бензиски погон по 2035 година. Конгресот ги укина федералните субвенции за производство на електрични возила и батерии.

Ова ги поттикна традиционалните автомобилски гиганти да не брзаат со трансформацијата на производството кон електрични возила. Џенерал Моторс, кој најави дека по 2035 година ќе продава само електрични коли, префрли милијарди долари кон фабриките за автомобили на бензински погон.

Еколошки организации најавија дека ќе ги обжалат новите стандарди на суд поради очекуваното поголемо загадување со издувни гасови. Економисти, пак, предупредуваат дека Трамп ја намалува компетитивноста на американските производители и на Кина ѝ отвора голем простор на светските пазари за новите електрични автомобили.

4 декември 2025 - 16:59