Работата од 9 до 5 станува луксуз

Многу земји и компании прават радикални експерименти со работното време за да ја зголемат продуктивноста. Грција одобри работен ден од 13 часа. Сергеј Брин бара инженерите да работат по 60 часа неделно. Во Кина работат „996“ – од 9 до 9 шест дена во неделата. Науката покажува дека 40 часа неделно спакувани во пет дена е глобален просек, но не и универзален оптимум.

Просечното работно време низ светот е 42 часа неделно, главно распоредени во пет работни дена, покажува ново истражување на Амори Гетин од Светската Банка и Емануел Саез од Универзитетот Калифорнија во Беркли.

Но, авторите истакнуваат дека ова е глобален просек, во кој сè почесто има екстреми, под влијание на разни фактори – од степенот на економски развој на земјата, преку праговите на кои младите влегуваат на пазарот на труд, па сè до националните традиции. Грубо пресметано, најмногу часови на работа поминуваат луѓето во Азија, а најмалку во Европа.

Притоа се прави разлика помеѓу времето поминато НА работното место и времето поминато ВО работа. Главната тенденција е да се обезбеди максимална продуктивност.

Во неодамнешен истражувачки труд експерти од Универзитетот Дјук направиле анкета во три развиени земји за односот на луѓето кон утврдените работни норми. Вработените во Германија и во Британија се изјасниле за пократка работна недела, прифаќајќи пониски плати, за да имаат повеќе слободно време. Оптималното работно време, според Германците, би било 37 часа неделно. Американците, пак, би сакале да работат подолго за да заработат повеќе.

Авторите на истражувањето заклучуваат дека намалувањето на работното време и платите во Германија би било од полза и за вработените и за работодавците, само ако се задржи продуктивноста, што зависи од специфичната природа на работните места.

Џон Пенкавел од Универзитетот Стенфорд ги анализирал британските фабрики за муниција за време на Првата светска војна. Кога работното време го надминувало прагот од 48 часа, продуктивноста од секој дополнителен работен час почнувала да опаѓа. Во екстремни случаи, кога надминувало 63 часа, било бесполезна и воопшто не ја зголемувало продуктивноста.

Работодавците прават анализа врз призма на трошоците. Покорисно им е да им го продолжат работното време на работниците сè додека тие додаваат вредност. Продуктивноста би можела да се зголеми и со ангажирање повеќе вработени, но тоа би ги зголемило фиксните трошоци како здравствените бенефиции.

Сосема спротивна е логиката на работни места на кои ризикот од замор може да има сериозни последици. Студија кај болничари во Мисисипи покажала дека нивната ефикасност на итни случаи се намалувала на крајот од долгите смени, што имало фатални последици.

Долгите смени се вообичаени и кај стартапите. Додека компаниите се борат за место на пазарот, помалку луѓе на себе носат поголем дел од товарот. Проблемите се појавуваат кога работодавачите настојуваат да го одржат интензитетот на високо ниво и кога приходите ќе пораснат. Илон Маск изјави дека „никој никогаш не го променил светот со 40-часовна работна недела“, а Сергеј Брин неодамна оцени дека 60-часовна работна недела е „идеална“ за тимовите на Гугл што развиваат вештачка интелигенција. Нарајана Мурти, основачот на Infosys, смета дека просперитетот во Индија може да се постигне само со работна недела од над 70 часа.

Анкета на Галуп од оваа година во САД покажа дека 40% од вработените со полно работно време работат по 40 часа во типична недела, додека 38% работат од 41 до 59 часа, а 15% работат повеќе од 60 часа неделно. Само 8% работат помалку од 40 часа.

Мислам дека многу луѓе би рекле дека стандардното работно време од 9 до 5 е еден вид луксуз, вели Џенифер Тости-Карас, професорка по организациско однесување на колеџот Бабсон.

9 декември 2025 - 11:31