Што е клучната нишка на претставата?
На главниот јунак систематски му се чини неправда и тој одлучува да тргне во борба за своите права. Тргнува во (ирационален) поход против системот. Оружје му е моќта на убедување, а методот нема да го кажам. Прашање е кој е тој, негативец, обичен човек доведен до опструкција на разумот, дух со секира, виор на револуцијата, идеја која денес ја имаат многубројни кои се обесправени...
Има ли критичкото мислење денес смисла или е тоа само лузерство?
И будалштина... (се смее) Се има впечаток дека стварноста покажува дека борбата е залудна, а побуната излишна и главно на сопствена штета. Но потребата на човекот да тежи кон подобро (и низ побуна) е во човечката природа. Алтернатива на побуната и на критичкото мислење е согласувањето...Ако ме прашувате дали побуната има смисла, велам дека има. А што се однесува до слободата, во многу случаи тоа е лична определба. Секој самиот си ја одредува слободата.
Го знаеме ли денес одговорот на прашањето од насловот на една друга ваша славна драма, „ММЕ кој прв почна"?
Да го е*ам - не знам кој прв почна, ама мамицата...
„Буре барут" е меѓу вашите најпознати наслови
Мене целиот живот ми мина во некои експлозии, овакви, онакви. Роден сум 1969 и припаѓам на генерација која ја стигна онаа страшна клетва - да има, па да нема. Не мислам во материјална, туку пред сè во духовна смисла. Мислам на атмосферата во којашто живеевме, можноста за слобода, размена, вредносниот систем. Не велам дека во некогашната заедничка земја немаше и проблеми, но денес со сигурност сите можеме да кажеме - се распадна една убава земја. На пример, растев во време кога ЈУ рокенролот после британскиот беше најдобар во Европа, сега стигнавме до турбо фолк. Тоа кажува сè.
Работите во разни градови, земји, а што се случува во Македонија?
Имам среќа во Македонија да имам куќа во едно село во планина, далеку од сè. Преубаво место. Главно напуштено. Мојот план е да се преселам таму, да купам коњ...
Вашите искуства и впечатоци, можеби влијанија кои ја обележале вашата кариера?
Имав среќа да работам со големи режисери. Еден од нив е Димитер Гочев кој е можеби едно од најголемите имиња во германскиот театар во последните 10 години. За жал не е веќе меѓу нас. Работата со него ми беше директна, голема школа на германскиот театар, кој е според мене најдобриот во Европа, можеби и во светот. Не е само во прашање организацијата, систематичноста, дисциплината...туку потребата за театар, од страна на уметниците и на целото општество, општествена верификација на театарот.
Општествена, политичка слика на регионот?
Како да се вртиме во магепсан круг. Толку пати тргнав велејќи - преку онаквото ми е од балканската стварност, заминувам...И, секогаш се враќам. Магичен круг. Се уморив веќе од политичката ситуација и сите нејзини баналности. Како што го закопавме Милошевиќ, така сега мораме и некои други херои како малите фашисти, стварно ми е преку такво од нив. Како припадник на генерација обележана со проклетството „да имаш па да немаш", имав среќа да бидам сведок на време кога системот го уважуваше човекот и човечкиот живот, па луѓето заради тоа живееа подобро. Кога системот сфаќаше и знаеше дека ако луѓето не се среќни тогаш нема да има ни стабилно општество. Всушност, толпа понижени очајници не е општество ни држава, како и да ги организирате, или како и да ги наречете. Што да очекувате ако имате над 90 проценти очајници и мал процент пребогати, при што овие вториве дури не плаќаат ни даноци, а овие првите мораат да продадат бубрег за да преживеат?
Извор: Блиц