Европа забрани гас од Русија, ама ѝ плаќа милијарди за ѓубрива

Европската Унија едвај успеа да обезбеди единство за да забрани увоз на руски гас, наводно за да го остави Путин без приходи за војната, ама за да се прехранат европските земји ѝ плаќаат на Русија милијарди евра за азотно ѓубриво, кое го увезуваат дури и повеќе отколку пред војната. Да биде иронијата уште поголема, азотното ѓубриво се прави со гас, кој Русија сега го има вишок.

Пред да почне војната во Украина, Русија снабдуваше околу 30% од сите азотни и други ѓубрива што ги купуваа европските земјоделци. По инвазијата увозот се намали, а Европа воведе санкции врз голем број директори во руски компании за ѓубрива. Но, санкциите не се однесуваа на ѓубривото, па увозот почна да расте.

До вториот квартал од оваа година, уделот на руско ѓубриво на европскиот пазар се зголеми на една третина. Во јуни земјите од ЕУ увезле 1 милион тони, рекордно количество за еден месец во изминатата деценија. Трговијата најчесто оди со посредство на брокери во Швајцарија или во Заливот.

Руските ѓубрива се евтини, изобилни и во близина. Азотните, кои најчесто се користат, се произведуваат со комбинација на природниот гас со азот за да се создаде амонијак. Потоа, ова може да се претвори во разни видови храна за растенијата. Русија, исто така, има огромни резерви на фосфор и калиум, кои се користат во други видови ѓубрива. Генерално, Русија произведува една петтина од сите ѓубрива во светот.

Од увозот зависи опстанокот на европските земјоделци. Ѓубривата сочинуваат 15-30% од нивните основни трошоци. Овој удел значително се зголеми помеѓу 2020 и 2025 година поради пандемијата на ковид и војните во Украина и Блискиот Исток. Во меѓувреме, цените на житото и земјоделските производи паднаа. 

Европа нема сопствени капацитети за да ја надомести евентуалната блокада на увоз од Русија. Пред да почне војната во Украина, низ Европа имаше 120 фабрики за ѓубрива, кои задоволуваа околу 70% од вкупните потреби, но се потпираа на увоз на природен гас или амонијак од Русија. Кога руските гасоводи беа затворени, цените скокнаа и Европа го намали сопственото производство за 70%. Капацитетот во изминатите четири години е обновен, но инвеститорите не се подготвени да поддржат поголемо европско производство, делумно поради скапите еколошки правила на ЕУ.

Можно решение е да се најдат алтернативни добавувачи. Египет и Алжир се големи извозници на ѓубрива на база на азот. Мароко извезува ѓубрива на база на фосфор. Тринидад и Тобаго извезува амонијак. Но, сите се поскапи од оние од Русија, која зголемените резерви од гас ги пренасочува кон производството на азотни ѓубрива.
Како притисок до увозниците да најдат алтернативи извори, ЕУ воведе казнени царини за руските азотни ѓубрива. Почнаа од 40 евра за секој тон, кој чини до 600 евра, се зголемија на 60 и до 2028 година треба да достигнат 315 евра. Давачките на ѓубривата со калиум и фосфор се многу пониски. Европската комисијата објаснува дека за нивното производство не се троши гас.

Од 1 јануари ќе пораснат цените и од другите извозници поради „зелените“ царини за увоз на ѓубрива произведени со интензивен јаглерод. Земјоделците најавија дека на 18 декември во Брисел ќе протестираат против овој механизам.

11 декември 2025 - 08:22