Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) побара од министрите за здравство на членките на Европската Унија да го засилат надзорот на евентуални случаи на H5N1 и да подготват капацитети во случај на ненадејно ширење на вирусот на птичји грип кај луѓе.
Во изминатите неколку години H5N1 засилено се прошири низ популациите на птици, но и прескокна кај цицачи. За да се запрат епидемиите по живинарските фарми низ Европа беа уништени јата пилиња, а во САД вирусот се прошири и на фарми за добиток и во изминатата година зарази повеќе од сто луѓе, главно фармери.
Експерти предупредуваат дека H5N1 е на „само една голема мутација“ далеку од прескокнување врз луѓето и дека такво сценарио „речиси сигурно“ би предизвикало нова пандемија. Иако сè уште не се пријавени случаи на заразени луѓе во Европа, ЕЦДЦ соопшти дека широката циркулација кај животните го зголемува ризикот.
Моменталниот ризик за европските граѓани е низок, но птичјиот грип сè уште е сериозна закана за јавното здравје поради широко распространетите епидемии кај животните низ цела Европа и постојаната глобална циркулација на вируси на птичји грип, особено H5N1, меѓу дивите птици, живината и сè повеќе цицачите. Треба да се осигуриме дека раните предупредувачки знаци нема да останат незабележани и дека активностите за јавно здравје ќе бидат навремени, координирани и ефикасни, вели Едоардо Колзани, раководител на одделот за респираторни вируси на ЕЦДЦ.
Откако првпат е откриен во 1990-тите, вирусот H5N1 заразил околу 1.000 луѓе. Речиси една половина од нив починале, но вирусот не мутирал за да се шири од човек на човек.

Во документот доставен до европските земји се наведени соодветни мерки за 14 разни можни сценарија, од изолирани случаи кај луѓе што се заразиле од контакт со животни, до директно пренесување од човек на човек, без препознатлив животински извор. Се препорачува секој заразен човек итно да биде префрлен во болнички карантин од 14 дена, во простории со засилена изолација на проток на воздухот.
Надлежните служби мора да создадат капацитет за следење контакти. Ако се откријат кластери, болниците, матичните лекари и домовите за нега треба да применуваат строги мерки кои опфаќаат дистанцирање, носење маски за лице и болнички мантили. Властите мора да обезбедат синџири на снабдување за залихи во случај на вонредни ситуации.
Вакцините против птичји грип, неодамна лиценцирани за употреба кај луѓе, треба да бидат подготвени за брзо распоредување во пошироката јавност. ЕУ минатата година складираше 40 милиони вакцини резервирани за употреба во случај на пандемија на H5N1.
Голем дел од документот се фокусира на сериозни прекугранични здравствени закани, ако постои ризик од внесување на H5N1 од заразен патник што доаѓа од земја во која имало епидемија. Притоа се истакнува дека само во текот на оваа година во Камбоџа се заразиле најмалку 30 лица, од кои осум починале, а во САД се заразиле 70. При вакво сценарио, препораките на ЕЦДЦ вклучуваат интензивирање на надзорот на границите, тестирање за H5N1 на пристаништата и аеродромите и анализа на отпадните води од тоалетите на авионите.