Трамп го испрати Си со полни очи и празни раце

Трамп го пречека Си Џинпинг во Белата куќа со највисоки почести, пофалби, подароци и раскошна вечера, но без волја за суштински пробив за проблемите што ги оптоваруваат меѓусебните односи. Клучните спорови за царините, трговијата, развојот на ВИ, чиповите, ситуацијата околу Тајван и синџирот за снабдување со ретки минерали се одложуваат за некој иден самит.

На свечената вечера во Белата куќа. Трамп говореше за „големото пријателство“ со Си и истакна дека „никогаш досега немале подобри односи“. Му подари статуа на белоглав орел и му укажа „голема чест“ со тоа што му го покажа градилиштето на Салата за бал.

Кинескиот претседател, пак, зборуваше за пријателството на двете земји, а не за нивните лидери. Инсистираше на ублажување на ограничувањата за извоз на американски чипови и запирање на вооружувањето на Тајван. Трамп го одложи решавањето на споровите за некоја идна средба. Се согласи со продолжување на трговското примирје за само два месеца, наместо за барем една година, како што очекуваше неговиот гостин. 

Трамп изјави дека со Си постигнал „огромен напредок во однос на прашањата со кои се соочуваат нашите две земји“.

Претставуваме различни системи, но врските меѓу нашите народи опстојуваат и никогаш не сме имале подобри односи, кажа Трамп во здравица на вечерата.

Си многу постудено забележа дека Кина и САД мора да дејствуваат како одговорни големи сили. Интересите на двете земји се длабоко испреплетени и конкуренцијата меѓу нив треба да биде здрава.

Соработката меѓу Кина и САД можеби нема да го реши секој проблем во светот, но без нашата соработка би било тешко да се решат многу од светските проблеми, рече Си.

Тој додаде дека американските компании се добредојдени во Кина и изрази надеж дека и „кон кинеските компании овде ќе се постапува правично“.

Во однос на Тајван, Си претходно на работниот состанок јасно ја повлекол „црвената линија“ која нема да ја премине. Го повикал Трамп отворено да се спротивстави на независноста на Тајван и побарал да го запре вооружувањето на островот. Трамп не го променил ставот од својата посета на Кина во мај, кога го одложи, но не го повлече, планот за доставување пакет со оружје на Тајван во вредност од околу 14 милијарди долари. Тогаш отворено го нарече „многу добар преговарачки адут“.

За некоја идна средба е одложено и решавањето на проблемите со развојот на вештачката интелигенција. На свечената вечера присуствуваше кремот на американската индустрија – директорите на Нвидиа, ОпенАИ, Тесла, Епл, ОпенАИ…

Си инсистира на ублажување на американската контрола на чиповите и истакна дека двете водечки земји во новата технологија мораат да го задржат под строга контрола развојот на ВИ.

Трамп неодамна се заложи за развој на ВИ без ограничувања. Аналитичари оценуваат дека силната конкуренција на кинеските и американските компании го ограничува ова прашање на постигнување симболични договори.

25 септември 2026 - 08:07