Само во текот на оваа година нафтените компании на чело со Бритиш петрол, Шел и Ексон-Мобил откажале или замрзнале повеќе од 60 проекти за производство на вкупно 4,9 милиони тони нискојаглеродно водородно гориво – четири пати повеќе отколку сегашниот глобален капацитет.
БП пред една недела ги откажа инвестициите во водородни постројки во Оман и во североисточна Англија, а претходно и од постројка за „зелен“ водород во Австралија. Ексон во ноември ја запре изградбата на погон во Тексас, кој ќе беше еден од најголемите во светот. Шел уште во рана фаза се откажа од проект во Норвешка.

Ова потврдува дека нискојаглеродниот водород без здрава основа бил промовиран како гориво на иднината, кое ќе ги замени нафтата и гасот и ќе придонесе за проектите за намалување на јаглеродните емисии. „Зелениот“ водород, произведен со обновливи извори на енергија, и „синиот“ со преработка на вода, се покажаа многу поскапи од „сивиот“ за чие производство се трошат фосилни горива.
Ова беа тешки години за сите компании што настојуваа да развијат проекти за чист водород. Сега никој не сака да плати зелена премија за технологиите со ниски јаглеродни емисии, вели Мареј Даглас, истражувач во аналитичкото биро „Вуд Мекензи“.
Битен фактор била одлуката на претседателот Доналд Трамп да ги укине субвенциите за развој на обновлива енергија, а европските земји бавно ги спроведуваат своите иницијативи.
Водородот со ниска содржина на јаглерод привлече внимание на почетокот на оваа деценија како гориво за секторите што тешко се декарбонизираат, како челичарниците, авијацијата и камионскиот превоз. Според Меѓународната агенција за енергетика, до крајот на 2024 година имало повеќе од 2.600 проекти низ целиот свет. Советот за водород, во кој се традиционалните нафтени компании, инвестирал 110 милијарди долари во близу 500 проекти.
Проценките биле дека производството на водород ќе се зголеми за десет пати до 2035 година за да се исполнат целите за нето нула емисија на јаглеродни гасови.
******
Види и: Се распадна германското „водородно чудо“