Шведската полиција ја проценува на 5,7 милијарди круни (околу 505 милиони евра) штетата од измамите преку телефонски јавувања, на интернет и лично на прагот на домовите во 2025 година.
Популарната актерка Сузан Ројтер (74), ангажирана во владината кампања, објаснува дека повеќето Швеѓани од нејзината генерација се воспитани да бидат учтиви и услужливи. Податоци покажуваат дека токму учтивите луѓе најчесто се жртви на измами. Затоа Ројтер на граѓаните им препорачува во сомнителни ситуации и разговори да поставуваат повеќе прашања и да бидат подрски.
Тоа не е грубост, туку самозаштита, објаснува Ројтер.
Најчестите видови измами насочени кон лицата постари од 60 години се вршат преку телефон. Измамата вообичаено почнува со текстуална порака од наводна владина агенција, компанија, банка или здружение, која содржи телефонски број на кој потенцијалната жртва треба да се јави за помош или појаснување.
Оние што ќе се јават на бројот разговараат со измамник со однапред подготвено сценарио да предизвика итна реакција на измислена закана: на пример дека жртвата врши кривично дело или дека мора да префрли пари на друга сметка за да бидат „позаштитени“. Во кампањата се повикуваат луѓето итно да ја прекинат врската ако почувствуваат дека нешто не е во ред.
Шведската влада во јуни воведе нова законска регулатива, која ги обврзува операторите да ги блокираат повиците и пораките за кои има сомневања дека се заради измама.

Повикот за дрскост важи и за измамите со лажни полицајци - криминалци во униформи кои се појавуваат пред домови и бараат од граѓаните да предадат вредни предмети „за да ги заштитат од кражба“.
Полицаец никогаш нема да побара предмети. При најмало колебање, заборавете на учтивоста и затворете ја вратата, повикува Реперт Оман, шеф за операции на националната полиција.
Тој предупредува дека со украдените пари и злато се финансираат насилни криминални групи кои вршат тешки кривични дела.
Кампањата „Осмели се да бидеш непристоен – тоа може да те спаси од измама“ почна во понеделникот и ќе се спроведува до 11 октомври. Рекламите за кампањата се појавуваат во списанија, локални весници, на социјалните мрежи и на државната телевизија. Се користат фиктивни приказни, кои се инспирирани од вистински настани.