Тужбата лани заеднички ја поднеле локалната влада на Вухан, Кинеската академија на науките во име на Институтот за вирусологија во Вухан. Насочена е против сојузната држава Мисури и двајца нејзини поранешни јавни обвинители, Ерик Шмит и Ендру Бејли. Тужбата подоцна беше проширена и со Кетрин Ханавеј, актуелната главна обвинителка на Мисури.
Обвинети се дека „организирале, промовирале и спроведувале злонамерни судски постапки во САД, измислувале и ширеле лажни информации, и изнесувале стигматизирачки и дискриминаторски забелешки“.
Нивните дејствија предизвикаа огромни загуби и сериозно го повредија правото на углед, пишува во тужбата.
Вухан и Институтот за вирусологија бараат отштета од 356.437 милијарди јуани (околу 53,5 милијарди долари) и јавно извинување преку низа американски медиуми и социјални платформи: Њујорк Тајмс, ЦНН, Волстрит журнал, Вашингтон пост и Јутјуб, како и преку кинеските државни медиуми Синхуа и Пиплс дејли.
Ова всушност е реципрочна мерка против главниот обвинител на Мисури, кој во 2020 година поднесе тужба против кинеската влада, тврдејќи дека официјални лица од Кина го негирале ризикот од пренесување на вирусот од човек на човек, ги замолчувале лицата кои укажувале на неправилности и не успеале да го спречат ширењето на заразата, дозволувајќи таа да се прошири низ целиот свет.
Тужбата се однесуваше и на градските власти во Вухан и Институтот за вирусологија, од чија лабораторија најверојатно протекол вирусот САРС-КоВ-2. Обвинителот Шмит тогаш побара надомест за „огромната загуба на човечки животи, страдањата и економските тешкотии што ги претрпеле жителите на Мисури поради пандемијата на ковид-19“. Сојузен судија пресуди дека кинеската влада треба да плати 24 милијарди долари поради прикривање на раните фази од појавата на ковид-19 и натрупување залихи на заштитна опрема.