Австралија:

Забраната за социјални мрежи на тинејџери е инфантилна

Од денес, за австралиските деца и тинејџери ќе биде нелегално да користат социјални медиуми. Нема да имаат Инстаграм, Фејсбук, Снепчет или ТикТок ако се помали од 16 години. Ене ги, се затрчаа надвор да играат ластик и долга магарица, како некогаш нивните родители. Не оди тоа баш така.

Потегот на австралиската лабуристичка влада беше пречекан со некритички и речиси едногласни пофалби. Не е за изненадување. Кој би сакал да го стават на тапет дека критикувајќи ја забраната се става во одбрана на онлајн малтретирањето деца? 

Сите - од опозициската Либерална партија до меѓународните медиуми како Би-Би-Си - се сигурни дека ова е добра работа. Конечно, велат тие, некој мисли на децата. Министерката за комуникации Аника Велс го опиша законот како „морален императив“. 

„Иако ретко кој искрено мисли дека скролањето по социјалните медиуми е најдобро искористеното време за деца, постојат добри причини зошто планот на лабуристичката влада треба и речиси сигурно ќе пропадне. Прво лабуристичката партија не изгледа ни деке е приближно уверена во сопствената способност да го спроведе. Затоа вешто ја префрли одговорноста на платформите на социјалните медиуми за да се осигура дека нејзиното законодавство се почитува“, пишува Хуго Тимс.

Владата на Албанезе сигурно е свесна дека главните компании за социјални медиуми веќе имаат свои ограничувања за возраст. Фејсбук и Инстаграм се само за лица над 13 години. Сепак, околу 80 проценти од децата на возраст од осум до 12 години во Австралија сè уште успеваат да ги користат социјалните медиуми. Подемот на виртуелните приватни мрежи (VPN) речиси гарантира дека новите ограничувања лесно ќе бидат заобиколени од секој тинејџер кој е решен да остане на социјалните медиуми.

Втор и позначаен проблем за австралиската влада е тоа што родителите се далеку од обединети во поддршката на забраната. Некои анкети сугерираат дека повеќе од 50 проценти се противат.

Веројатно затоа што не сакаат владата да им кажува како да ги воспитуваат своите деца.

Разумно, многу родители не ги гледаат социјалните медиуми како опасност на исто ниво со, на пример, дрогите. Тие имаат доволно доверба во сопствените родителски вештини за да не се плашат дека нивните деца ќе станат „зависни“, „радикализирани“ или „oдгледани“ (или сите три) - од интернет.

Освен логистичките проблеми со спроведувањето на закон за неподготвени родители, неподготвени деца и неподготвени компании за социјални медиуми, постои уште една пречка. Не можете да ја вратите назад содржината на Пандорината кутија.

Обидот на австралиската влада е како обидот да се забранат делата на Мартин Лутер во 16 век или да се забрани алкохолот во Америка во 20 век - и двата оправдани врз основа на заштита на безбедноста и моралот на јавноста.

Ништо од ова не значи дека е добро децата и тинејџерите да чмаат на социјалните медиуми.

Само што одлуката за тоа како да се менаџира времето и ризиците треба да им се остави на родителите, секако не на владите кои безброј пати ни покажале дека не може да им се верува кога решаваат што можеме, а што не можеме да видиме онлајн.

„Безбедноста“ секогаш e само изговор за цензура, и тоа прилично лош, пишува Тимс.

10 декември 2025 - 11:13