Ален Берсе, генералниот секретар на Советот на Европа, признава дека Конвенцијата за човекови права создадена по Втората светска војна не ги покрива современите предизвици, наметнати од големиот мигрантски бран врз Европа.
Тој најави дека на самитот во мај идната година во Молдавија ќе почнат активности на усвојување нова декларација, во која ќе биде појаснето како треба да применуваат одредбите, за да не бидат злоупотребувани.
Во денешната сложена ера по Втората светска војна се поставува едноставно прашање: Дали инструмент создаден во педесеттите години од минатиот век се уште може да служи за проблемите на 21 век? Конвенцијата е жив инструмент. Се пренесува од генерација на генерација за да се соочи со политичката реалност, за да се обезбеди континуитет низ периоди на длабоки промени. Како уставен инструмент на европскиот правен поредок, тоа е последната заштита на индивидуалните права и слободи низ целиот наш континент, изјави Берсе.
Европските земји тврдат дека поголемата слобода за депортација ќе ги обесхрабри мигрантите да пристигнуваат нелегално.
Секогаш ќе ги штитиме оние што бегаат од војна и ужаси, но светот се промени и системите за азил мора да се променат со него. Денес, милиони луѓе се во движење не само затоа што нивните животи се во опасност, туку затоа што сакаат подобра иднина. Ако не го земеме предвид ова, ќе ги занемариме потребите на вистинските бегалци и на заедниците од кои предолго се бара да ги прифатат брзите промени, објавија премиерите на Данска и на Британија, Мете Фредериксен и Кир Стармер, во заедничка колумна во весникот „Гардијан“.
Европските земји тврдат дека широкото толкување на Конвенцијата во случаи на осудени криминалци ги спречува да ја спроведат сопствената одговорност да обезбедат национална безбедност и сигурност на граѓаните. Бараат и нова препорака за спречување и борба против шверцот на мигранти.
******
Види и: Времето ја гази Конвенцијата за човекови права