Времето ја гази Конвенцијата за човекови права

Првиот човек на Советот на Европа ги прифаќа критиките дека Европската конвенција за човекови права по 75 години мора да биде обновена. Девет европски земји протестираа дека Конвенцијата ги ограничува националните политики и спречува депортација на криминалци. Британските конзервативци тврдат дека таа сега се користи како „меч што удира врз демократијата и здравиот разум“.

Правото на азил, на начин како што било дефинирано во Конвенцијата пред 75 години, ги спречува актуелните напорите на националните влади да се справат со миграцијата, дури и да депортираат лица осудени за криминал.

Ален Берсе, генералниот секретар на Советот на Европа, ги прифаќа критиките дека Конвенцијата не соодветствува на денешниот свет. Создадена е по Втората светска војна, кога проблемите со бегалците, раселените лица и барателите на азил биле сосема поинакви. Берсе ќе инсистира промените да не ги загрозуваат основните права и слободи.

Сведоци сме на свет во кој работите брзо се менуваат. Нормално е дека мора да се прилагодиме. Нема табу теми. Потребна ни е дискусија какви правила сакаме да имаме, изјави Берсе.

Европската конвенција за човекови права е усвоена во 1950 година како прв меѓународен документ за заштита на човековите права и политичките слободи, практично за да ги заштити граѓаните од државата во периодот по Втората светска војна и Холокаустот.

Потписници се 46 европски земји, кои се обврзани да ги почитуваат одредбите и пресудите од Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Притисокот за промени се интензивира откако лидери на девет европски земји во отворено писмо побараа поголема национална контрола на политиките за миграции. Во писмото се забележува дека принципите на конвенцијата се „универзални и вечни“, но и се предупредува дека „сега живееме во глобализиран свет во кој луѓето мигрираат преку границите на сосема поинакво ниво“.

Лидерката на британските конзервативци Кеми Баденох формира комисија што ќе разгледа дали Обединетото Кралство треба целосно да се повлече од ЕКЧП, зашто Конвенцијата ги попречува политиките за одговор на миграцијата. 

Конвенцијата сега се користи на начини како што не планираа нејзините автори. Таа треба да брани и да заштитува. Сега е меч што удира врз демократските одлуки и здравиот разум. Таа не само што ја загрозува нашата безбедност, туку и го нарушува нашиот просперитет, изјави Баденох.

*****
Види: Застарени толкувања на правата на мигрантите во ЕУ штитат криминалци

6 јуни 2025 - 10:22