Застарени толкувања на правата на мигрантите во ЕУ штитат криминалци

Девет европски земји побараа да се преиспита начинот на кој Европскиот суд за човекови права ги толкува одредбите од Европската конвенција, особено за мигрантите. Толкувањата не се прилагодени на актуелните предизвици и во многу случаи заштитуваат криминалци и погрешни лица и воедно ги ограничуваат земјите да носат политички одлуки во сопствените демократии.

Лидерите на девет членки на Европската Унија во отворено писмо тврдат дека застарените толкувања на Конвенцијата за човекови права ја ограничува флексибилноста на националните влади и ги спречува да протеруваат мигранти обвинети за криминал и злосторства. 

„Мораме да ја вратиме вистинската рамнотежа“, забележуваат лидерите на Италија, Данска, Австрија, Белгија, Естонија, Летонија, Литванија, Полска и Чешка. Писмото го објави Италија по средбата на премиерките Џорџа Мелони и Мете Фредериксен од Данска.

Европската конвенција за човекови права, која стапи на сила во 1953 година, го опфаќа правото на живот; забрана за ропство, тортура и понижувачко постапување; слобода на изразување; забрана за дискриминација; и правото на семеен живот. Меѓу 46-те потписници се сите 27 членки на ЕУ, кои се обврзани да ги почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Време е за дискусија како меѓународните конвенции одговараат на предизвиците со кои се соочуваме денес. Толкувањето на судот за случаите за протерување на странски државјани поврзани со криминал ги заштитува погрешните луѓе и поставува премногу ограничувања во одлучувањето кој може да биде протеран, а кој не, укажуваат потписниците. 

Нерегуларните гранични премини во Европската Унија лани биле намалени за 38% на 239.000, според податоци од граничната агенција Фронтекс.

Европскиот суд за човекови права неодамна разгледуваше случаи против Летонија, Литванија и Полска во врска со незаконски третман на мигранти. На Данска Судот ѝ порача да ги измени правилата за реунификација на семејствата на мигрантите. 

Дали Судот во некои случаи премногу го проширил опсегот на толкување на Конвенцијата, со што се менува рамнотежата помеѓу интересите што треба да се заштитат? Веруваме дека толкувањата ја ограничуваат нашата способност да носиме политички одлуки во сопствените демократии, се додава во писмото.

Мелони има проблеми да го спроведе договорот со Албанија за префрлање мигранти пресретнати на море. Центрите во Албанија се изградени, но сè уште се празни бидејќи италијански судови оспоруваат трансфер на мигранти додека чекаат правна препорака од Европскиот суд на правдата.

23 мај 2025 - 11:24