Вести

Никој нејќе син да крсти Доналд

Да се крсти машко бебе Доналд не е многу популарно во моментов. Новите податоци од Администрацијата за социјални услуги покажуваат дека името го достигнало најниското ниво на популарност во историјата на САД. „Доналд“ денес се наоѓа на 690-тото место по популарност на машки имиња. Ама па може кај тие што чуваат магариња е поинаку.

Скенер каков што досега немало

Midjourney - компанијата за вештачка интелигенција која стана позната по генерирање слики од текстуални инструкции, својот оддел за медицински хардвер го промовираше со демонстрација на  функционален прототип на скенер за цело тело, различен од сè што некогаш постоело. Ве потопуваат во вода и после една минута сè е јасно за вашите органи, ткива, крвни садови, коски, мускули и распределба на масти.

Гугл предупредил луѓе за земјотресот во Венецуела

Милиони луѓе во Венецуела на своите андроид телефони добиле предупредување од Гугл непосредно пред да ги погоди катастрофалниот земјотрес во кој настрадаа стотици ако не и илјадници луѓе. Предупредувањето дошло само неколку секунди пред земјотресот. Можеби не секогаш доволно да се спаси жива глава но доволно за да се постави старото прашање: може ли технологијата да нè спаси?

Речник

Британци добиваат наредби да ги извадат климите од дома

Британија спроведува амбициозна и ригидна политика на нето нула емисии согласно која клима уредите се само за во крајна нужда, откако ќе се исцрпат сите други методи за „пасивно ладење.“ Замислете на топлово да ви дојдат дома инспектори од општина и да ви кажат дека не е убаво што ви работи климата. Колку бенефициран стаж треба да добијат преживеаните инспектори?

Крајот на трансатлантизмот

Актуелната криза меѓу Европа и САД означува крај на една ера. Без оглед на тоа кој ќе го наследи Доналд Трамп, никој нема да дојде во Европа и да каже „Америка се врати!“. Врските изградени врз специфични глобални карактеристики се прекинати. Со трансатлантизмот е завршено како идеологија, но тоа не значи дека Европа и САД по бурниот развод не можат да останат пријатели.

Мета сака да отвори кладилница за своите 3 милијарди корисници

Газдата на Мета сака да се вклучи во бизнисот на пазари за предвидување што им донесе многу пари на Полимаркет и Калши. Платформата „Арена“ на Марк Закерберг би била одвоена од Фејсбук и Инстаграм, но би ги опфатила нивните 3 милијарди корисници. Во почетокот ќе може да се кладат со „дигитални жетони“, со план потоа системот да се префрли на вистински пари.

Со презиме на министер лесно се собираат милиони

Жена од Узбекистан нашла ефикасен начин да извлече милиони евра од лековерни и богати московјани. Им се претставувала како внука на Сергеј Шојгу, поранешниот руски министер за одбрана, кој се уште важи за човек од внатрешниот круг околу претседателот Путин, и ги убедувала да вложат милиони во семејниот бизнис за криптовалути. Вкупната сума може да надмине 6 милиони евра.

Црн дроб од свиња успешно пресаден на човек

Кинески хирурзи се првите што успешно пресадиле дел од црн дроб на свиња во тело на човек. Трансплантираниот дел ја извршил својата функција и помогнал да се регенерира целиот орган. Бил отстранет по 38 дена, бидејќи пациентот веќе бил загрозен од напреден рак и цироза. Целта е органи од свиња барем привремено да спасат пациенти додека чекаат соодветен црн дроб од човек.

Нема повеќе Германец по итна постапка

Бундестагот ја укина програмата што им овозможуваше на мигрантите да добијат германско државјанство по забрзана постапка. Одлуката нема да се одрази значително на бројот на натурализирани Германци, но сведочи за промената на односот на Берлин кон мигрантите. Мерц балансира помеѓу политиките на социјалдемократот Шолц и на најпопуларната партија АфД.

Газа дочека примирје

Израел и Хамас се согласија со прекин на огнот, повлекување на трупите од Газа и ослободување на сите израелски заложници. И двете страни го слават примирјето како победа. Но, останува уште многу работа до траен мир. Примирјето е само прв чекор од поширокиот план на Трамп за крај на војната во која во изминатите две години беа убиени повеќе од 67.000 луѓе и Газа беше речиси срамнета со земја. 

Вархеји: Европските „општи“ грантови за невладини се нелегални

Европските грантови за покривање на секојдневните трошоци на невладините организации се нелегални. Ова директно на невладините им го кажал еврокомесарот за здравство Вархеји на приватен состанок пред една недела. Правните рамки ги ограничуваат организациите да ги трошат парите од европските грантови на специфични проекти, а не и да покриваат други трошоци.

Главните медиокритeти во европската кула од карти

Европа некогаш ја водеа личности како Конрад Аденауер, Жан Моне, Шуман, Ширак, Кол... Денешна Европа ја водат поинакoв калибар на лица. Тие не се лидери, туку менаџери од средно ниво кои сосема случајно се нашле во салата на управиот одбор. Нема тука стратези туку ситни тактичари, лишени и од визија и слух за гласот на историјата.

Нарачале скап извештај од Делоит, добиле евтини халуцинации од ВИ

Делоит е притиснат да ѝ врати стотици илјади долари на австралиската влада поради катастрофално лошо изработен извештај. Австралиски ревизори го фатија глобалниот ревизорски гигант дека работата наменета за високо платени експерти, му ја препуштил на генеративен модел со вештачка интелигенција. А, четбот како четбот, почнал да халуцинира и да измислува податоци.

Прв тест за откривање на подмолниот хроничен замор

Развиен е првиот тест за дијагностицирање на Синдромот на хроничен замор. Уште не се познати причините за оваа состојба која се развива бавно и може да биде препознаена дури кога ќе ги преоптовари телото и умот. Останува без дијагноза во 90% од случаите. Зачестил по панедемијата и се поклопува со долгиот ковид, што укажува дека од синдромот веројатно страдаат стотици милиони луѓе.

Германија и Италија бараат повеќе време за да ги прештекаат колите на струја

Берлин и Рим ја притискаат ЕУ да ја одложи забраната за производство на автомобили што испуштаат штетни гасови по крајниот рок во 2035 година. Нивните автомобилски индустрии се во криза и барем засега не може да им конкурираат на кинеските електрични коли. Мерц бара повеќе време за развој на поеколошки горива за моторите со внатрешно согорување.

Европа не може повеќе да си дозволи живот на висока нога

Цената на европскиот начин на живот - здравствена заштита, достапно образование и достоинствена пензија за сите, обезбедени преку високи социјални трошоци станува неподносливо висока. Сметката стигна за плаќање. Франција е типичен пример. Националниот долг расте, кредитниот рејтинг паѓа, приходите стагнираат и премиерите паѓаат. Не е далеку ни Германија.

Имаме квантна супериорност, само немаме големо фајде од неа

Машина со 12 кјубити во лабораторија во Тексас е првата што постигнала квантна супериорност - решила екстремно тешка задача, нерешлива за било кој од класичните компјутери. Тоа е  историски успех за квантната наука и аргумент за привлекување милјарди долари во истражувања, но ќе помине долго време за да се впрегнат овие супериорни машини во решавање реални проблеми.

Да си преслаб е бетер отколку да имаш вишок

Во свет каде што виткоста најчесто се изедначува со здравјето, една нова данска студија го превртува наративот на глава: малку прекумерната тежина, па дури и благата дебелина, не е толку страшна по должината на животот како што се мислеше досега. Обратно, тоа може да биде и подобра форма отколку да е човек слаб.

Европа е нов светски шампион во пушење

Европа ја надмина Југоисточна Азија и сега има највисока стапка на употреба на тутунски производи во светот, покажува новиот извештај на Светската здравствена организација. Во Европа пуши секој четврти возрасен жител. На глобално ниво загрижува масовното ширење на електронските цигари меѓу помладите. Веќе ги користат над 15 милиони луѓе помлади од 15 години.

САД ја укинаа препораката за вакцинирање против ковид-19

Центрите за контрола и превенција на болести повеќе не ги препорачуваат вакцините против ковид-19. Американците ќе може да се вакцинираат на доброволна основа. Од лекарите се бара потемелно да ги информираат пациентите за придобивките, но и за ризиците од вакцините. „Се врати согласноста врз основа на информираност“, изјави директорот на ЦДЦ, Џим О’Нил.

Сонцето и ветерот го претркаа јагленот

Обновливите извори на енергија првпат заеднички го надминаа јагленот како водечки светски извор на струја во првата половина од оваа година. Растот на струјата генерирана од овие извори бил побрз од зголемувањето на енергетските потреби. Кина го зголемила генерирањето енергија од зелени извори повеќе од сите други земји заедно, а САД и Европа му се вратиле на јагленот.

Како Моди го надмудри Трамп

Администрацијата на Бајден прво ненамерно ги зближи Кина и Русија преку санкции и царини. Администрацијата на Трамп сега ги турка Индија и Индонезија подлабоко во кинеско-рускиот блок. Индијците не се жалат толку многу на Доналд Трамп колку Европејците; наместо тоа, тие ги разбраа неговите царини како повик за будење и за намалување на својата зависност од САД.

Репрограмирани матични клетки од човек подмладиле мајмуни

Генетски модифицирани матични клетки од човек трансплантирани кај мајмуни ги поништиле клучните знаци на стареење. Биле подмладени 10 главни физиолошки системи и 61 тип на ткиво. Третираните мајмуни имале подобрена меморија, поздрави мозочни структури, посилни коски и обновена репродуктивна функција. Притоа не се појавиле тумори и не биле оштетени ткивата.

Со вишокот од царините Трамп ќе ги чести Американците

Доналд Трамп ја разгледува идејата да им даде на Американците и до 2.000 долари од парите што САД ќе ги добијат од зголемувањето на царините. Според неговите проценки, царините ќе генерираат илјадници милијарди долари, со кои прво владата ќе ги отплати своите долгови, а со остатокот ќе ги почести граѓаните. Ако во меѓувреме Врховниот суд не ги прогласи царините за нелегални.

Куртулил од синџир колебливи платени убијци

Шестмина Кинези се осудени поради обид за убиство на ист човек. Еден за нарачка, а другите за извршувањето. Петтемина ги биело глас дека се платени убијци, но никој немал смелост да го изврши атентатот, туку еден на друг си ја префрлале нарачката, сè додека последниот во синџирот не ѝ се исповедал на означената жртва и ѝ предложил да ја лажира сопствената смрт.

Британските власти охрабруваат инцест

Критиките од јавноста ја принудија англиската здравствена служба да ја скрие препорака за склучување брак помеѓу први братучеди. Но, овие бракови се легални во Британија и владата нема план да ги забрани, наспроти огромните ризици за здравјето на потомството. Препораката се толкува како обид на властите да ги заштитат „традиционалните вредности“ на мигрантите.

Кина има повеќе фабрички роботи од цел свет заедно

Во стратегијата од 2015 година, Кина ја идентификуваше роботизацијата на индустријата како еден од клучните фактори за економскиот напредок и фаќање подобра позиција во глобалната трка на економиите. Десет години подоцна, на секој инсталиран фабрички робот во САД, Кина инсталира девет. Роботите не се само многу туку се и нивни.     

50 месеци затвор и екстра 70 тужби за Диди

Обвинителството бараше 11 години затвор, адвокатите се надеваа на 14 месеци. Го репнаа 4 години и два месеца затвор плус 500.000 долари казна. Незадоволни што доби 4 пати поголема отколку што очекуваа, адвокатите тврдат дека судијата се однесувал како „13-ти поротник“. Но и затворот да беше пократок, тоа не ќе беше крај за проблемите на Шон Комбс. 

Како на Земјата, така и на небото

Германија вложува 35 милијарди евра за „офанзивна“ надградба на своите сателити, кои се постојано следени од руски. Британија предупредува дека нејзината безбедност на небото и на Земјата е загрозена од сателити од Кина. САД и Франција ќе спроведат координирани маневри во орбита, за да проверат дали и тие можат да следат (и по потреба да уништат) непријателски сателити.

Седум години затвор за лисицата што ги насамари волците од Вол стрит

Окружен судија од Менхетн со доза на жалење ѝ изрекол затворска казна на Чарли Џавис, која на искусните волци од Вол стрит им продала фиктивна фирма за 175 милиони долари. Не можел да се изначуди како на банкарите од ЏП Морган Чејс им требало цела година да разберат дека се измамени. Пресудил: „Вие сте добра личност, но измама си е измама, дури и кога е насамарен глупак“.