Разбудените му објавија војна на Божиќ

Прославата на Божиќ на Западот се претвора во културно бојно поле. Разбудените го осудуваат Дедо Мраз дека е бел колонијалист, на учениците им се забранува да пеат коледарски песни, а божиќните пазари се преименуваат во „зимски“ за да нема религиозни конотации. Празникот чија традиционална цел е да ги зближи луѓето стана искривен одраз на општествената поделба.

Британските музеи во Брајтон Хоув го прогласија Дедо Мраз за колонијален освојувач, затоа што бил „премногу бел“. Божиќниот концепт кој ги соочува „добрите“ и „непослушните“ деца се отфрла како систем во кој белиот колонизатор си зема улога да им суди на сите луѓе.

Како решение за надминување на патријархатот, Музеите на својот блог предлагаат Дедо Мраз да се замени со Баба Мраз и да работи заедно со џуџињата, наместо да ги експлоатира.

За повеќето деца, приказната за Дедо Мраз е главната асоцијација на Божиќ, покрај подароците. Но, приказната за бел и западен Дедо што им суди на непослушните деца носи проблеми. Вака раскажана, приказната му дава извршна власт на Дедо Мраз над сите општества. Нè тера да ги прифатиме колонијалните ставови за културна супериорност, се предупредува на блогот.

Активисти за граѓански права укажуваат дека овие смешни тврдења се сериозен обид за уривање на националните и верските традиции.

Идејата дека Дедо Мраз треба да се деколонизира е смешна. Но, таа покажува дека нема граници што сè би направиле идеолозите во културните институции за да ја поткопаат нашата поврзаност со заедничкото минато и култура. Оваа антизападна политика на музеите е здодевна и интелектуално празна. Ова не е култура, туку претстава што не треба да добива јавно финансирање, вели Алка Катберт, директорка на групата Don’t Divide Us.

Кампањата против традиционалниот христијански празник се засили во западните земји во изминатите години. Германската телевизија MDR во 2021 година објави дека Дедо Мраз е „дел од проблемот“ затоа што е белец. Новинарката Ајша Харис уште во 2013 година ја разбранува американската јавност кога порача дека Дедо Мраз може да биде и црнец.

Културната војна не запира само на Дедо Мраз. Божиќниот базар во германскиот град Керпен годинава е преименуван во Гурмански пазар за да нема „религиозни конотации“. Некои општини ги преименуваа пазарите во „зимски“ едноставно за да ги заобиколат построгите безбедносни прописи откако по нападот во Берлин во 2016 година „божиќните пазари“ беа прогласени за настани со висок ризик. 

Некои училишта ги забранија христијанските коледарски песни и ги заменија со секуларни. Сè повеќе компании честитаат „Среќни празници“ наместо „Среќен Божиќ“, а супермаркетите Алди продаваат „Зимска“ наместо Божиќна ѕвезда.

Анкетите покажуваат дека огромното мнозинство Германци сакаат да ги задржат своите божиќни традиции. Но, мало и гласно малцинство доминира во дискурсот - засилено од социјалните медиуми и сензационалистичките медиуми. 

Иронијата е што повеќето муслимани низ Европа воопшто не се загрижени како се нарекуваат уличните пазари и многумина ги посетуваат со своите деца. Тензијата ја држат екстремистите, кои токму пред Божиќ поставуваат улични штандови во кои го величаат Алах.

23 декември 2025 - 13:19