Берлин им се враќа на бетонските блокови

Изградбата на згради од модуларни блокови повторно е во мода во Берлин. Се промовира како евтина и практична „технологија на иднината“. За малку постарите берлинци, ова е враќање кон минатото. Но, немаат голем избор. Кризата со домови, падот на индустријата и зголемените трошоци ги принудуваат да штедат како во поранешната Источна Германија.

Зградите од монтажни бетонски блокови имаат моќни застапници и во федералните и во градските власти во Берлин. Министерката за градежништво Верена Хуберц се залага за издвојување на владини субвенции за поддршка на проектите.

Итно треба да ги намалиме високите трошоци за градба. Гледам огромен потенцијал во сериската и модуларната градба за побрзо и, пред сè, поприфатливо градење, изјави Хуберц.

Младата министерка, родена три години пред обединувањето на Германија, ја промовира технологијата како новитет.

Во минатото се градеше цигла по цигла. Денес тоа е монтажно, како кај автомобилите. Се нарекува модуларна градба. Ѕидовите се веќе исечени, каблите се поставени и потоа се спојуваат неверојатно брзо и неверојатно евтино, објаснува министерката.

Наспроти политичката поддршка, во Берлин нема градежен бум од монтажни згради како во други градови. Берлинците ги прифаќаат со воздржаност од разбирливи историски причини. На својата страна го имаат аргументот од архитектите дека модуларната градба брзо ги достигнува своите граници. Економските предности се видливи само за проекти поголеми од 5.000 квадратни метри.

Другиот аргумент е естетски - монтажните згради се грди затоа што се еднолични.

Сè уште има премалку позитивни примери на модуларни згради во однос на квалитетот, економичноста и секојдневната употребливост. Тоа сега значително се менува. Новите проекти во никој случај не се инфериорни во однос на конвенционално изградените згради вели Томас Вирц, директор на компанија за станбени недвижности.

Тој објаснува дека е постигнат и голем напредок во дизајнот, за кој тврди дека апсолутно нема никаква врска со „бетонските гајби“ од  времето на ДДР. 

Најголема предност е брзата изградба, која често пати може да биде побрза од времето потребно за издавање на сите дозволи.

Ако зграда со 50 или 100 станови може да се изгради за помалку од една година, се намалуваат трошоците за изградба, становите може брзо да се изнајмат и многу побрзо се враќаат инвестициите. Процедурите за издавање дозволи во Берлин честопати траат подолго од просекот, што е неприфатливо, особено затоа што побарувачката за домови во главниот град е голема и изгледите за изнајмување се многу добри, вели Вирц.

24 декември 2025 - 16:44