Со благослов на Вашингтон, Египет го покани Иран на конференцијата за иднината на Газа со која која ќе ко-претседава Доналд Трамп. Техеран ја одби поканата заради „криминалните постапки“ на САД за време на 12 дневната војна кога се приклучија на бомбардирањата на Израел со што го нарушија иранскиот суверенитет и ги прекршија меѓународните закони.
Набргу потоа, иранскиот министер за надворешни работи ја осуди одлуката на Трамп да ги продолжи американските нуклеарни тестирања како „очигледно кршење на меѓународното право“ и обврските на Вашингтон.
Овие гестови можеби изгледаат само реторички и симболични осуди но откриваат еден конзистентен модел во иранскиот дискурс: речиси опсесивно повикување на меѓународното право и двојните стандарди на западните сили во неговата примена.
Иранските лидери, вклучувајќи го и врховниот лидер Али Хамнеи, рутински се повикуваат на светоста на меѓународните правни норми за да ги обвинат Вашингтон и неговите сојузници за лицемерие. Овој јазик на легалитет, правда и суверенитет стана централен за моралниот став на Техеран како предизвикувач на она што го нарекува „хегемонистички поредок“.
Ете го парадоксот: држава која се дефинира себеси како револуционерна, ревизионистичка и антизападна е една од последните вистински верници во меѓународен поредок базиран на правила што западните сили сè повеќе го напуштаат.
Лидерите во Техеран и другите „бунтовници“ со очигледна жестина и искреност веруваат дека ако можат да ги натераат Обединетите нации објективно да ја видат нивната ситуација, светот ќе знае, еднаш засекогаш, дека тие не се лошите.
Со други зборови, Иран, Кина и другите сè уште имаат доверба во институционалната и правната архитектура на либералниот меѓународен поредок, што е симптом на интернализирана вестернизација, знак дека идеолошката литургија на либералната модерност ги колонизирала дури и нејзините најостри критичари.
И Русија ги оправда своите постапки во Украина со јазикот на меѓународното право. Алибито на Москва за нејзината „специјална воена операција“ во голема мера се потпира на доктрините и преседаните што ги воведе самиот НАТО - особено бомбардирањето на Југославија во 1999 година.
„Ваквите верувања се фундаментално наивни“, пишува Арта Моини. „Повикот за непристрасно спроведување на меѓународното право претпоставува дека таков закон постои независно од моќта - дека меѓународните норми можат да ги ограничат државите и дека меѓународните институции можат да ја скротат нивната волја за моќ. Ова е фикција. Од реалистичка гледна точка, меѓународното право не е автономно царство на правдата; тоа е израз на моќ, морална архитектура што се користи за облекување на доминацијата во легитимитет“.
Во суштина либералниот меѓународен поредок преживува не поради неговата морална супериорност, туку затоа што дури и неговите критичари играат според неговите правила. Секое повикување на меѓународното право, секое повикување на Обединетите нации, секое цитирање на пост-воени договори го зајакнува моралниот авторитет на самите институции кои имаат првенствена улога да ја зацврстат западната доминација. Несвесната трагедија за држави како Иран и Русија е што нивниот пркос се преведува со јазик што ја обезбедува нивната подреденост.