До летото 2023 година „Сенс Банк“, една од најголемите во Украина, беше контролирана од двајца Руси под санкции – олигархот Михаил Фридман и неговиот колега милијардер Петр Авен. Киев не можеше да дозволи клучната финансиска инфраструктура да биде под контрола на бизнисмени со блиски врски со Кремљ, па ја национализираа банката во јули 2023 година заради заштита на национална безбедност.
Руските олигарси возвратија на ударот - не во Киев, туку во Вашингтон. ABH Holdings во име на „Сенс Банк“ во јануари 2024 година побара компензација од 1 милијарда долари од Киев. Речиси две години по поднесувањето на тужбата, случајот сè уште не е разрешен. Правни експерти стравуваат дека ако ABH Holdings го добие овој случај, тоа би можело да отвори пандорина кутија на руски олигарси кои ја користат европската мрежа на инвестициски договори за да ја тужат Украина во судот со седиште во САД.
Основа за тужбата е клаузула за решавање на спорот меѓу инвеститорите и државите (ISDS) во договор од 1996 година помеѓу Белгија, Луксембург и Украина. Договорот бил потпишан во хаотичните постсоветски години, кога Киев очајно сакаше да прикаже пред светот дека може да обезбеди стабилна инвестициска клима за странските компании.
Владите почнаа да вклучуваат клаузули за ISDS во меѓународните договори кон крајот на 1960-тите и 1970-тите. Ова им овозможи на инвеститорите да бараат надомест преку меѓународни арбитражни судови ако веруваат дека нивните инвестициски права се прекршени од земјата домаќин. Во моментов има околу 1.730 меѓународни договори во сила што содржат механизам за ISDS. Најголемата институција во светот за вакви случаи е Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови (ICSID) на Светската банка, со седиште во Вашингтон.

Фридман го користи и ISDS за борба против санкциите што нему лично му ги воведе ЕУ. Постапувајќи по негова жалба, вториот највисок суд на ЕУ лани пресуди дека тој треба да биде отстранет од листата.
Тој го тужеше и Луксембург, барајќи компензација од 16 милијарди долари поради штета од замрзнувањето на средствата. За да се заштити од вакви барања, ЕУ во својот 18-ти пакет санкции, ги обврза членките да не спроведуваат никакви постапки на ISDS поврзани со санкционирани руски граѓани.