Формите на бунтување се специфични за секоја земја, но глобално истражување потврдува дека причините се идентични: фрустрација од продлабочување на нееднаквоста, невработеноста, корумпираните политичари и сознанието на младите дека нема да имаат удобни животи како нивните родители.
Проектот Carnegie Protest Tracker годинава евидентирал 53 демонстрации со над 10.000 луѓе во 33 земји, најмногу откако во 2017 година почнаа да се сумираат вакви податоци. Блумберг спроведе дополнителна анализа на 22 милиони показатели – од политичката и финансиската поларизација до цените на нафтата и возрасното стебло на државите, и ја дефинираше формулата на незадоволство како: Високо влијание на социјалните медиуми плус младо население плус зголемена нееднаквост е еднакво на влади во сериозни проблеми.
Масовни и долготрајни протести ги потресоа владите во Србија, Мароко, Индонезија и Перу. Премиерите во Бугарија и во Мадагаскар не го издржаа притисокот и дадоа оставки. Младите најбрутално го изразија својот гнев во Непал, каде што буквално ги запалија Парламентот, резиденцијата на претседателот и Врховниот суд. Во Перу и Мексико, најсилен двигател на протестите била нееднаквоста. На Филипините корупцијата. На Мадагаскар сиромаштијата.
Додека цените растат, најмладата работна генерација се соочува со историски недостиг на работни места. Меѓународната организација на трудот известува дека секој четврти млад човек во светот ниту е вработен ниту е вклучен во образование или обука. Оваа стапка е тврдоглаво висока во многу земји со ниски и средни приходи кои се борат со инфлација и високи трошоците за живот. Работниците се префрлаат на работни места во услугите со ниска продуктивност - што придонесува за зголемена политичка фрагментација и барања за структурни промени.
Се чини дека демократијата е во криза низ целиот свет, од Филипините до Бразил, од САД до Франција. Сè е поврзано, а помладите луѓе се предводник на таа криза. Во исто време, нарушувањето од вештачката интелигенција и зголемувањето на трошоците за живот ги потресуваат побогатите економии. Ако либералната демократија не се соочи со предизвикот и не артикулира изводливо, амбициозно и поправедно решение, ова ќе продолжи и ќе се претвори во уривање на демократските институции, предупредува Дарон Аџемоглу од МИТ, ланскиот добитник на Нобеловата награда за економија.
Од вкупно 157 земји во светот опфатени со анализата на Блумберг, моделот за 2026 година прогнозира зголемен ризик за големи граѓански протести во шест земји – Етиопија, Централната Африканска Република, Ангола, Гватемала, Конго и Малезија. Повисок ризик има и во САД и Израел.
Аџемоглу не верува дека во многу земји бунтот на младите ќе допре до пошироката популација, која не ги разбира или нема изградено однос кон протестите.
Проблематично прашање кај многу протестни движења е тоа што тие водат до ветувања за радикални политики кои не се реални и одржливи, забележува нобеловецот Аџемоглу.