Од вкупниот број на Јутјуб канали кои се во топ 100 популарни во секоја земја, 278 канали содржат исклучиво ВИ отпад.
Истражувачите од компанијата за видео едитирање Кепвинг креирале нова Јутјуб сметка и откриле дека 104 од првите 500 видеа кои им се препорачуваат во нивниот фид биле шкартови создадени од вештачка интелигенција. Вкупно една третина од 500-те видеа биле од категоријата „brainrot“ (гниење на мозокот) и нивниот главен ефект е да заглупат човек кој чмае со таква содржина.
Анализа на Гардијан оваа година покажа дека речиси 10% од најбрзо растечките канали на Јутјуб биле ВИ шкартови кои собираат милиони прегледи иако платформата тврди дека прави сè за да ја ограничи „неавтентичната содржина“.
Каналите пронајдени од Кепвинг се глобално дистрибуирани и глобално гледани. Имаат милиони претплатници: во Шпанија ги има 20 милиони луѓе, или речиси половина од населението на земјата. ВИ каналите имаат 18 милиони следбеници во Египет, 14,5 милиони во САД и 13,5 милиони во Бразил.
Bandar Apna Dost, најгледаниот канал во студијата, е со седиште во Индија и моментално има 2,4 милијарди прегледи. Ги прикажува авантурите на антропоморфен резус мајмун и мускулест лик моделиран според Халк кој се бори со демони и патува со хеликоптер направен од домати. Капвинг проценува дека каналот има заработено преку 4 милиони долари.
Cuentos Facinantes, канал со седиште во САД, исто така е насочен кон деца со цртани приказни и има дури 6.65 милиони претплатници.
Има и поинакви канали. На пример „The AI World“, со седиште во Пакистан, содржи кратки фејк филмови за катастрофални поплави во Пакистан, со наслови како „Сиромашни луѓе“, „Кутро семејство“, „Поплавена кујна“ и слично. Имаат 1,3 милијарди прегледи.