„Студените“ Швеѓани најмногу си веруваат

Иако ги бие глас дека се студени карактери, 83% од Швеѓаните имаат доверба дека луѓето околу нив се спремни да им помогнат, покажува анкета на центарот Пју. Како се оди на југ, оваа доверба се намалува и најниска е во земјите што важат за најсрдечни - во Турција, Бразил и Мексико. Довербата зависи од приходите, образованието и возраста, а не толку од религијата.

Земјите при врвот на рангирањето според довербата во другите луѓе имаат силни институции, ниска корупција и робусни мрежи за социјална сигурност. Високото ниво на доверба ја олеснува соработката и ја намалува нетрпеливоста во економијата и животот, наведува истражувачкиот центар Пју во анализата на анкетата спроведена во 25 светски земји.

Зад Шведска, во која 83% од испитаниците се изјасниле дека „може да им се верува на повеќето луѓе“, рангирани се Холандија, Канада и Германија, со резултати што надминуваат 70%. 

Нивото на доверба е значително пониско во повеќето земји со среден приход. Во Турција само 14% од испитаниците се изјасниле дека може да им се верува на повеќето луѓе, а во Мексико, Бразил и Кенија довербата била под 25%. 

Подетална анализа покажува значителни разлики во ставовите врз основа на степенот на образованието, приходите и возраста. Во Франција, на пример, 61% од возрасните со повисоко ниво на образование имаат доверба во луѓето, но тоа го мислат и само 35% од помалку образуваните луѓе. 

Направена е и паралела со претходната анкета спроведена во 2020 година, во раните денови од пандемијата на ковид-19. По пандемијата, социјалната доверба најмногу се зголемила во Германија (плус 13%) и во Шведска (плус 12%), а во Франција се намалила за 6%.

Во повеќето од анкетираните земји, нема големи разлики во довербата врз основа на религијата и политичката идеологија на испитаниците. Резултатите главно се поклопуваат со разликите врз основа на возраста и образованието.

******
Види и: Македонец на Македонец не му верува
Човештвото го положи тестот „најдов новчаник, што да правам“?

22 декември 2025 - 13:10