
Македонија е меѓу најсебичните земји во Светскиот извештај за среќата, во кој не сме рангирани лошо на 86 место од 147 земји.
Во категоријата „спремност да му се помогне на непознат“ во новиот извештај, Македонија е при дното, на 130 место во светот. Конкретно на прашањето за изгубениот новчаник, ние сме на 122 место во очекувањата дека ќе ни го врати сосед, туѓинец (98 место) или полицаец (120 место во светот).
Како битен показател за чесноста, довербата и среќата во општествата, тестот со изгубениот новчаник е вграден како важен фактор во рангирањето во Светскиот извештај за среќата. Забележана е јасна корелација – луѓето од повисоко рангираните земји имале поголема доверба дека паричникот ќе им биде вратен. Тоа ги охрабрува и самите да вратат изгубен паричник.
Авторите на извештајот забележале и речиси универзален песимизам. Луѓе помалку веруваат дека ќе им биде вратен паричникот, отколку што тоа реално би се случило во нивната средина.
Дури и во нордиските земји, со силна социјална и здравствена заштита и мал јаз во богатството, имало двојно повеќе песимисти отколку чесни наоѓачи.
Независно истражување спроведено во Торонто пак, покажало дека само 23% од луѓето верувале дека ќе им биде вратен изгубен паричник, а всушност биле вратени во 80% од случаите.
Тоа сведочи за друг социјален феномен - дека се губи довербата во луѓето околу себе. Недовербата се смета и за последица и за причина на длабоките политички превирања, популизмот и екстремизмот.
Истражување од Edelman Trust Barometer лани укажа на глобална криза на недоверба во владите, во медиумите, во науката и во технолошките иновации.
Кога ќе се посее недоверба, таа не ја нагризува само вербата во институциите, туку и ги спротивставува луѓето еден со друг. Полесно е да се прекинат врските со луѓето што мислат поинаку наместо да се разменат мислења.
Можеби разговараме преку политичари и медиуми наместо еден со друг. Што ако го промениме пристапот? Не мора да се согласуваме во сè. И можеби забораваме дека има луѓе што ќе ни го вратат паричникот со парите во него, забележува Алисон Кармен од Salon.
******
Види и:
Човештвото го положи тестот „најдов новчаник, што да правам“?