Украина со бодликава жица запира дезертери

Додека војува со Русија на исток, Украина ги утврдува и западните граници кон своите сојузници преку кои се помасовно бегаат млади регрути и дезертери. Младите не сакаат да бидат жртвувани во корумпиран систем, во кој богатите плаќаат мито за да ја избегнат задолжителната воена обврска. Во рововите на фронтот заглавуваат сиромашните и чесните.

Украина поставила огради од бодликава жица по должината на западните граници, вклучително и во карпатскиот регион, прикажува репортажа на германската телевизија ЗДФ.

Густите шуми и реката Тиса ја одделуваат областа од Романија. И покрај овие безбедносни мерки, сè поголем број мажи се обидуваат да избегаат, честопати со фатални последици, наведува ЗДФ во  надворешно-политичката програма „Auslandsjournal“.

Репортажата следи млад Украинец што настојувал да избегне регрутација затоа што не се согласува со начинот на кој се пополнуваат рововите на фронтот. Тој тврди дека младите од поимотни семејства ефикасно го откупуваат своето одбивање на воената служба. Оние што не можат да издвојат пари за мито, често пати се цел на присилна регрутација. 

Од Украина постојано пристигнуваат извештаи и снимки како воената полиција им поставува заседи на момчиња и мажи и на сила ги приведува во автобуси или комбиња заради мобилизација. 

Адвокат од Киев, кој ги застапува жртвите на ваквите приведувања, за ЗДФ опиша случај на маж кој бил регрутиран и покрај здравствените проблеми и нужноста да се грижи за близок роднина. Тој веќе имал повреди кога бил доведен во полициска станица, каде што го задржале во притвор повеќе од два месеци.

Според законите, сите украински мажи на возраст меѓу 25 и 60 години имаат обврска за воена служба, освен ако немаат специфично признаена основа за ослободување. Надлежен офицер објаснува за ЗДФ дека регрутацијата е примарна цел, за да се овозможи ротација на фронтот и да се компензираат големите загуби на персонал во војната против Русија, која трае речиси четири години.

Млад војник што поминал две години на фронтот, во репортажата раскажува дека корупцијата што потекнува од политичкиот врв во Киев се протега до бојното поле. Чесните војници почесто биле распоредувани во опасни единици. Откако му биле одбиени барањата да биде префрлен на друга позиција во заднината, тој решил да избега во Германија преку Романија. 

Ако процесот за мобилизација беше транспарентен и фер, можеби ќе постапев поинаку, вели дезертерот.

******
Види и: По мирот со Русија, Украина ќе мора да спречи граѓанска војна
100.000 млади мажи избегаа од Украина

22 декември 2025 - 15:06