Генералот Залужни при крајот на ноември се заложи за мир со Русија без Киев да прогласи целосна победа. Трајниот мир би ѝ дал можност за нужните политички промени, длабоки реформи, реконструкција и економски раст.
За жал, војната сè уште не е завршена, а некој веќе нè направи непријатели. Ова е реалноста, вели Залужни, кој сега е амбасадор во Британија.
Кога Украина ќе постигне мировен договор со Русија, приближно еден милион војници со борбено искуство и пристап до оружје ќе се вратат дома. Овие ветерани, кои биле релативно добро платени додека војувале, ќе се соочат со драстични загуби на приходи, невработеност и недостиг на станови. Државната каса на Киев е празна и опстанокот на Украина зависи од евентуалната финансиска помош од Европа, која исто така нема пари, па настојува да ги грабне замрзнатите руски средства.
Под такви услови, овие луѓе со борбено искуство и оружје би можеле да подлегнат на искушението за лесни пари. Голем е ризикот дека ова може да доведе до зголемен криминал, несигурност на улиците и политичка дестабилизација, вели Залужни.
Тој додава дека војниците и сега се соочуваат со критики и обвинувања во земјата што ја бранат. Стигматизацијата ги продлабочува општествените поделби и го зголемува ризикот вратените ветерани да предизвикаат општи внатрешни немири.
Експертите предупредуваат и на поларизацијата на украинската јавност во врска со бруталните практики на мобилизација - колоквијално познати како „бусификација“. Мажите се пресретнуваат на улица и се приведуваат во автобуси заради присилна регрутација.
Украина нема многу време за транзиција кон стратешка политика за реинтеграција на ветераните. Ова не бара само пари, туку и силни организациски ресурси, соодветна комуникација, политичка волја и систематска работа со ветераните, пишува Залужни.
Во исто време, тој гледа голем потенцијал кај ветераните.
Со добро осмислен владин пристап, тие би можеле да станат двигател на повоениот економски раст и да ја формираат основата на новите елити кои ќе се грижат за иднината на земјата, додава генералот.
Според анкетата на украинскиот институт „Социс“, Залужни би го победил Зеленски на идните претседателски избори. Неговата популарност се базира првенствено на неговиот статус на воен херој кој ја водеше одбраната на земјата во раните фази од конфликтот. Тој веќе има политичка поддршка од Европската Унија и Британија. Сепак, извори блиски до генералот изјавиле за Тајмс дека тој не планира да се кандидира за претседател.