Полската гранична стража соопшти дека 99.000 украински мажи на возраст меѓу 18 и 22 години ја преминале границата - главната рута за излез од земјата - откако прописите за да се обезбеди дека Киев има доволно војници беа олабавени кон крајот на август.
За споредба, украинските оружени сили имаат околу 900.000 активни војници и уште 4 милиони резервисти. На фронтот се околу 300.000 до 500.000, во зависност од проценките. Центарот за стратешки и меѓународни студии од Вашингтон проценува дека помеѓу 60.000 и 100.000 украински војници загинале од почетокот на војната. Луѓе се уште масовно гинат иако линијата на фронтот речиси не е променета со години.
Кога Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, претседателот Зеленски објави воена состојба, која им забрануваше излез од земјата на сите мажи на возраст 18 до 60 години, без оглед дали се способни за војување. По три и пол години војна, Зеленски во август ја разлабави мерката и им дозволи на мажите помлади од 23 години да патуваат во странство. Во исто време возраста за задолжителна регрутација беше спуштена од 27 на 25 години, поради зачестеното избегнување на воената обврска и недостиг на трупи на фронтот.
Идејата на властите беше да им се даде поголема слобода на младите Украинци, со надеж дека повеќето ќе се вратат во земјата и доброволно ќе се пријават за борби на фронтот или во заднината. Целта беше и да се спречат семејствата да ги испраќаат своите синови во странство пред да наполнат 18 години, за да избегнат регрутација.

Во периодот од јануари до крајот на август, кога Зеленски ја смени политиката, во Полска од Украина влегле 45.300 украински мажи на возраст меѓу 18 и 22 години, според полските гранични службеници. Во следните два месеци, заминале 98.500, или 1.600 дневно.
Повеќето продолжуваат до Германија. Во првата половина од годинава, секоја недела пристигнувале просечно по 19. До средината на септември бројот на новодојдени млади Украинци во Германија надминал 1.000 неделно, а до октомври се зголемил на помеѓу 1.400 и 1.800, објави баварската телевизија BR24.
Зголемениот број Украинци го засилува притисокот врз канцеларот Фридрих Мерц да ја намали поддршката за бегалците. Десничарската партија АфД, која сега има највисок рејтинг, побара од Берлин да ги прекине исплатите на помош за Украинците, па и да ја прекине воената поддршка за Киев.
Немаме интерес младите украински мажи да примаат помош во Германија, наместо да ја бранат својата земја. Неодамнешната промена во законот во Украина придонесе за тренд на емиграција на кој мора да реагираме, изјави Јирген Хард, шефот за надворешни работи на конзервативната партија ЦДУ.