Суштината на истражувањето покажува дека брендовите го трошат своето време, труд и пари на Фејсбук и Твитер, за се помала корист. Студијата направена на почетокот од годинава, открива дека постовите од топ брендовите на Твитер и Фејсбук стигаат до само 2% од нивната публика на овие мрежи. Ангажманот на публиката е уште позанемарив - само 0,07% од следбениците имале некаква интеракција со некој нивен пост.
"Престанете Фејсбук да го правите центар на сите ваши напори за создавање врски со потрошувачите. Јасно е дека Фејсбук и Твитер не ги нудат врските по кои чезнат маркетинг лидерите. И покрај ова најголемиот дел од брендовите и понатаму ги користат овие сајтови како центар на нивните социјални напори - и со тоа трошат значителни финансиски, технолошки и човечки ресурси на социјални мрежи кои не ја испорачуваат вредноста," објаснува заменик претседателот и главниот аналитичар на Форестер, Нејт Елиот.
Фејсбук уште на крајот од минатата година започна со процесот на затворање на славината за бесплатно ширење постови, како дел од обидите да наплати што е можно повеќе од брендовите (фан страните) за ширење на нивните содржини. (Од јануари 2015-та ова комплетно ќе го укине.) Во исто време на Твитер е посебно тешко некако да се ангажираат фановите заради проблеми со контекстот и затоа што таму е тешко да бидеш смешен.
Од Форестер предвидуваат дека решението би требало да биде во "брендирани заедници" и дека тие ќе бидат "следната голема работа во 2015-та." Како пример тие го наведуваат GreatnessAwaits.com микросајтот на Сони за Плејстејшн 4, кој до сега има привлечено 4,5 милиони посети. "Ако фановите те бараат, ќе те најдат," објаснува Форестер.
Друга важна работа според нив е мејлот:
"Твојот меил е испорачан во 90% од случаите, додека твојот Фејсбук пост е испорачан во само околу 2% од случаите - и никој не ти гледа над рамо за да ти каже што можеш, а што не можеш да напишеш во твоите мејлови."
"Да заклучиме: Немој да твитате. Немој да го трошите вашето време на Фејсбук. Мејлот се уште функционира. Звучи одлично," пишува Крис Гејомали во Фаст Компани.