Когнитивна дисонанца е кога човек се чувствува нелагодно заради разликите во неговите мисли и уверувања. На пример, онаа нелагодност која човек кој се смета за искрен ја чувствува кога нешто ќе излаже.
Друг пример за когнитивна дисонанца е неудобноста која ја чувствуваат членови на култ кој верува во скорешен крај на светот, откако ќе помине дедлајнот. Терминот е скован од психологот Леон Фестингер (види: Кога пророштвото не се остварува).
Спротивно од когнитивната дисонанца е „двојното мислење“ што го воведе Џорџ Орвел во „1984“. Тоа е способност истовремено да се држат два контрадикторни става и притоа мува да не те лази:
„Да знаеш а да не знаеш, да бидеш целосно свесен за вистината додека кажуваш внимателно конструирани лаги, да држиш симултано две взаемно исклучиви страни, знаејќи дека се контрадикторни да веруваш и во двете, да користиш логика против логиката, да го отфрлиш моралот при што на истиот ќе полагаш и право, да веруваш и дека демократија е невозможна и дека партијата е чувар на демократијата, да заборавиш сè што треба да се заборави, па тоа повторно да ти помине низ глава во мигот кога тоа е потребно, а потоа веднаш повторно да заборавиш. Дури и разбирањето на двојното мислење бараше двојно мислење.“
Фејсбук е полн со такви примери:
Ве молам да одите да се вакцинирате.
Иако прележав ковид во февруари и трипати сум вакциниран, ретко кога сум бил волку болен.
Јасно е дека ќе мора да живееме со вирусот во наредниве пет години а вакцинацијата многу ја намалува јачината на симптомите и го намалува бројот на смртни исходи.
Верувајте ми и подарете си ковид-вакцина за Божиќ.
Тертулијан, еден од црковните авторитети, роден доцна во вториот век, ценел вака околу раѓањето, смртта и воскресението на Христос:
„Синот Божји беше роден: во тоа срам нема, затоа што е срамно.
И Синот Божји умре: тоа докрај веродостојно е, затоа што е неисправно.
И, закопан, Тој изнедри повторно: тоа сигурно е, затоа што е невозможно“.
ОК. Бог може да биде контрадикторен, апсурдот му е дозволен; ние обичните смртници обично сме врзани со природните закони и логичките начела. Потребно е длабоко религиозно искуство за човек да може да прејде „отаде логиката“ и да поверува во апсурд, како „тоа сигурно е, затоа што е невозможно“.
„Дали тогаш двојното мислење има религиска димензија? Дали личноста што верува во две контрадикторни изјави во исто време, на извесен начин трансцедентирала отаде разумот, и навлегла во зоната на религиозното? Или само изгубила памет?“, се прашува Торштен Сиглагсон.