И претседателот Доналд Трамп во почетокот на годинава претстави свој проект за Газа како луксузна ривиера за супербогати без Палестинци, но престана да го промовира по жестоките критики од светската јавност и особено од регионот. Тимот на американските мировни пратеници Кушнер и Виткоф сега се
главните промотори на проектот Sunrise, кој треба да ја претвори палестинската енклава Газа, уништена од израелско бомбардирање, во футуристичка крајбрежна дестинација. Изработен е нацрт-проект од 32 страници, исполнет со скици од висококатници, паркови, но и графикони и табели со планирани трошоци. Во проектот има место и за Палестинците, кои од шатори, глад и беда би биле префрлени во пристојни домови, изобилство и просперитет.
Презентацијата не навлегува во детали каде би биле префрлени 2 милиони луѓе додека трае обновата на нивната земја и под кои услови ќе им биде дозволено да се вратат.

Овој план бил претставен до лидерите на богатите блискоисточни кралства, Египет и Турција паралелно со долгорочните планови за воспоставување привремена управа на енклавата по потпишувањето на мировниот договор.
Проектот, според нацрт-документот, би чинел вкупно 112,1 милијарди долари во текот на 10 години. САД би се обврзале да бидат „сидро“ кое поддржува речиси 60 милијарди долари во грантови и гаранции за градежните и други работи тој временски период. Газа во следните десет години би требало самостојно да финансира многу други проекти и на крајот би го исплатила долгот со приносите од растот на локалната индустрија и економија.
Планот е поделен во четири фази. Во првата е предвидено отстранување на уништените згради, неексплодираната муниција и тунелите на Хамас, додека на жителите им се обезбедува привремено засолниште, теренски болници и мобилни клиники. Во втората фаза би почнала изградба на станбени згради, медицински установи, училишта и верски простори. Ќе се поплочат патиштата, ќе се поврзат далноводи, ќе се засадат култури. Потоа ќе се реализираат раскошните имоти на плажа и модерните транспортни центри.

Планирано е обновата да почне од југ, од граничниот град Рафа и кампот Хан Јунис и да заврши со Газа Сити во центарот на енклавата. Нова Рафа е прикажана како седиште на привремената управа и дом на половина милион жители во 100.000 станови, со повеќе од 200 училишта, 75 медицински установи и 180 џамии и културни центри.
Американски функционери што имале увид во планот велат дека нема допирни точки со реалноста. Цивилите во Газа се уште немаат доволно храна, живеат во шатори и повремено трпат напади од израелските сили. Не се знае колку долго ќе трае мирот и дали Хамас воопшто ќе се согласи да го предаде оружјето и да се откаже од власта.
Хамас нема да се разоружи, па затоа ништо нема да се случи, вели Стивен Кук, аналитичар во Советот за надворешни односи.
******
Види и: И Блер вмешал прсти во Ривиерата на Трамп во Газа
И Арапите ја гледаат Газа како ривиера, ама со Палестинци