
Аналитичката група на поранешниот британски премиер Тони Блер учествувала во проектите на израелски бизнисмени за повоен развој и заживување на економијата на разурнатата палестинска енклава Газа и нејзина преобразба во луксузно летувалиште што би ги задоволило естетските норми на Доналд Трамп.
Паралелно со иницијативите за примирје помеѓу Израел и Хамас, американскиот претседател претстави и визија за Газа како Блискоисточна ривиера. Сподели провокативно видео со облакодери и негови споменици излеани во злато. Концептот „Голем фонд“ на Boston Consulting Group (BCG), со вили на вештачки острови, бил изработен со помош од експерти од институтот на Блер.
Војната во Газа создаде можност за обнова што се отвора еднаш во еден век. Газа ќе може да продолжи како безбедно, модерно, просперитетно општество, се наведува во документот.
Планот за поствоен развој опфаќал трговски иницијативи засновани на криптовалути и специјални економски зони со ниски даноци. Планиран бил и производствен сектор, наречен според Илон Маск. Институтот помагал и за изработка на буџетот и економскиот план, но отфрла каква било поврзаност со последниот пакет слајдови, во кој се предлага да им се плати на половина милион Палестинци да заминат од Газа.
Портпаролот на Блер категорично тврди дека поранешниот премиер имал каква било врска со авторството на планот и истакна дека во изминатите две децении Сер Тони се залагал за „подобра Газа за жителите“.
Улогата на Бостонската група е многу посериозна. Таа изработила и финансиска конструкција за масовна преселба на половина милион Палестинци. Пресметките биле дека секој Палестинец би добил „пакет за преселба“ од 9.000 долари, а целиот проект би чинел 5 милијарди долари.
BCG во исто време била вклучена и во создавањето на американско-израелската Хуманитарна фондација Газа, која краток период имаше мандат да води милитаризирана мисија за доставување помош до граѓаните.
BCG се откажала од проектот и од партнерите откако израелски трупи убија близу 400 Палестинци што очајнички се обидувале да се пробијат до центрите за помош. Обединетите нации ја оценија мисијата како „смоквин лист за да се покријат израелските воени цели“, а хуманитарните групи одбија да соработуваат.