И Арапите ја гледаат Газа како ривиера, ама со Палестинци

Арапските соседи нацртаа своја верзија на Газа од иднината, расчистена и разубавена со паркови, шеталишта и сите други салтанати. Слично како и брошурата за Газа од Доналд Трамп. Со разлика што во арапската Газа ќе останат да живеат Палестинците. 

Арапските земји го прифатија египетскиот план од 53 милијарди долари за реконструкција на Газа, како алтернатива на идејата на Доналд Трамп да ги исели Палестинците и да изгради Блискоисточна Ривиера.

Арапскиот план на 112 страници содржи детални анализи и мапи за реконструкција, со брошури како ќе изгледаат новите станбени квартови, градини, паркови, пристаниште, технолошко катче, хотели на плажа и аеродром.

Белата куќа го отфрли египетскиот план, бидејќи „не се однесува на реалноста“ и објави дека Трамп не се откажал од својот проект.

Палестинците, арапските земји и светската јавност ја осуди визијата на Трамп како „обид за етничко чистење“, бидејќи не предвидува Палестинците да се вратат во Газа.

Алтернативниот проект од 53 милијарди долари, кој египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси го претстави на самитот на арапските земји во Каиро, не предвидува трајна преселба на жителите на Газа.

Кога војната ќе заврши, со Газа привремено ќе управува „комитет на независни и професионални палестински технократи“, без членови на Хамас. Комитетот ќе биде одговорен за надгледување на хуманитарната помош, за управување со енклавата и за подготовка за враќање на Палестинската управа, која сега е на власт на Западниот Брег. Претседателот Махмуд Абас прифати да распише претседателски и парламентарни избори и на Западниот Брег и во Газа „кога условите тоа ќе го дозволат“.

Хамас, кој е на власт во Газа од 2007 година, го прифати египетскиот предлог, се согласи да не учествува во комитетот, но инсистира да ги одобрува членовите, задачите и агендата на преодната управа.

Тоа е проблем за Израел, кој инсистира на уништување на милитантната група. Арапските земји бараат целосно разоружување на Хамас, зашто ниту еден план нема да може да се спроведе без согласност од Израел и САД.

И планот на Трамп и планот на Египет предвидуваат соседните арапски земји да ја финансираат реконструкцијата на Газа. Палестинскиот премиер Мохамед Мустафа изјави дека ќе биде создаден фонд за реконструкција под надзор од Светската банка.

5 март 2025 - 08:29