„Зелените“ фондови на ЕУ финансираат уништувања и смрт

Инвеститори што вложуваат пари за заштита на природата и општествена одговорност всушност финансираат војни, уништувања и убиства на цивили. Под притисок на лобистите, Европската Унија овозможи механизам за префрлање десетици милијарди евра од зелените фондови за борба против климатските промени во индустријата за производство на тенкови, авиони и муниција.

Оружјето, пред сè, треба да биде еколошко и одржливо, прогласува Европската Унија во слободно толкување на Регулативата за откривање на одржливи финансии (SFDR), која е во сила веќе четири години. Брисел го прифатил наративот од лобистите дека „безбедноста е предуслов за мир, а со тоа и за одржливост“.

Според истражувањата на Медиапарт, ИрпиМедиа и Ел Паис, ова толкување овозможило да бидат искористени за трансфер на близу 50 милијарди евра од европските „зелени“ фондови во компании за производство на оружје. Преку овој механизам во рок од три години двојно се зголемиле инвестициите во воени активности. Експлицитно е забрането само инвестирање во противпешадиски мини, кои се забранети со светска конвенција. 

Производителите на оружје не можат да се сметаат за одржливи. Основната цел на нивните производи е да уништуваат, убиваат и да повредуваат, што нема ништо заедничко со заштита на луѓето и човековата средина, вели Никола Кох од Француската опсерваторија за одржливи финансии.

Меѓу корисниците се германските компании за оружје како што се MTU Aero Engines, Airbus и Rheinmetall, кои само од „зелени“ фондови добиле повеќе од 4 милијарди евра Според истрагата на медиумите, етикети за „одржливост“ имале оружја што им биле испорачани на израелските сили, кои во воената кампања во Газа убија десетици илјади цивили. 

Но, бизнисот е профитабилен. Во текот на минатата година околу 800 „зелени“ фондови оствариле профит од милијарди евра преку акции и дивиденди од индустријата за оружје.

Европската комисија настојува да ги замолкне сите што ќе ѝ го оспорат наративот. На форум организиран од Комисијата во Брисел во ноември 2024 година бил исфрлен претставник на германска кооперативна банка откако јавно прашал како трговијата со оружје може да се задоволи критериуми за одржливост.

25 декември 2025 - 11:19