САД и Украина утврдија нов мировен план со 20 точки

Претседателот Зеленски го објави во целост новиот план за крај на војната во Украина, усогласен на преговорите со САД. Прашањето за територијална поделба го издвојува како најважно и за него сака да разговара директно со претседателот Трамп. И Путин е брифиран за преговорите на пратеникот Дмитриев со американските преговарачи Виткоф и Кушнер во Мајами.

Новиот мировен план договорен на разговорите на украинските претставници со американските преговарачи Стив Виткоф и Џаред Кушнер содржи 20 точки, осум помалку од оригиналниот предложен од САД во октомври. Исфрлени се прашањата за пристапување на Украина во НАТО, откако од тоа јавно се откажаа и Киев и сојузниците.

Претседателот Володимир Зеленски рече дека повеќето ставови се значително приближени, но отворени остануваат најважните - за територијалното разграничување и за иднината на нуклеарната централа Запорожје, која сега е под контрола на Русите.

Кремљ денеска потврди дека рускиот претставник Кирил Дмитриев го брифирал претседателот Владимир Путин за напредокот на преговорите во Мајами со американските мировници Виткоф и Кушнер. 

Еве го новиот мировен план со кој САД и Украина одат на преговори со Русија:

1. Суверенитетот на Украина ќе биде потврден;
2. Целосен и неоспорен договор за ненапаѓање меѓу Русија и Украина. За одржување на долгорочен мир, ќе се воспостави механизам за следење за надгледување на линијата на контакт преку вселенско беспилотно набљудување, со рано известување за прекршувања и за решавање на конфликти;
3. Украина ќе добие цврсти безбедносни гаранции;
4. Украина ќе ги задржи своите оружени сили на сегашната бројка од 800.000 војници;
5. САД, НАТО и европските земји ќе ѝ обезбедат на Украина безбедносни гаранции слични на клаузулата за заемна одбрана од Членот 5 од Основачката повелба на НАТО;
6. Русија официјално ќе се обврзе на ненапаѓање на Европа и Украина во сите потребни закони и документи, со ратификација со мнозинство гласови во Државната Дума;
7. Украина ќе стане членка на ЕУ на точно дефиниран датум и ќе добие краткорочен преференцијален пристап до европскиот пазар;
8. Украина ќе добие силен пакет за глобален развој, дефиниран во посебен договор за инвестиции;

9. Ќе бидат основани неколку фондови за економско закрепнување, реконструкција на оштетените области и хуманитарни прашања. Целта е да се соберат 800 милијарди долари за да ѝ се помогне на Украина да го реализира својот потенцијал;
10. Украина ќе го забрза процесот на склучување договор за слободна трговија со САД;
11. Украина ќе потврди дека ќе остане ненуклеарна држава, согласно Договорот за неширење на нуклеарно оружје;
12. Запорожје* Зеленски бара нуклеарната централа да ја управува заедничко американско-украински претпријатие. Украина ќе добива половина од произведената енергија, а САД независно ќе ја распределуваат другата половина;
13. Украина и Русија се обврзуваат на програми во училиштата и низ целото општество кои промовираат разбирање и толеранција кон различни култури и за елиминирање на расизмот и предрасудите. Украина ќе ги спроведе правилата на ЕУ за верска толеранција и заштита на малцинските јазици;
14. Територија* Оваа точка Зеленски ја смета за најсложена, но отворен е за преговори. Киев сака разграничувањето да ја следи сегашната линија на фронтот, а Русија бара да го добие цел Донбас, по дипломатски пат или со војна. Вашингтон предложи регионот од Донбас што сега е под украинска контрола да биде демилитаризирана слободна економска зона;
15. Русија и Украина се обврзуваат дека нема на сила да го менуваат договорот за териториите;
16. Русија нема да ја попречува Украина да ги користи реката Днепар и Црното Море за комерцијални цели. Посебни договори ќе ја опфаќаат слободата на навигација и транспорт. Устието на Днепар во Црно Море ќе биде демилитаризирано;
17. Ќе се формира хуманитарен комитет за решавање на отворените прашања за воени заробеници, заложници и притворени лица;
18. Украина мора да одржи избори што е можно поскоро по потпишувањето на договорот;
19. Овој договор ќе биде правно обврзувачки. Неговото спроведување ќе го следи и гарантира Мировен совет, со кој ќе претседава претседателот Трамп. Украина, Европа, НАТО, Русија и САД ќе бидат дел од овој механизам. Во случај на прекршувања ќе има санкции;
20. Откако сите страни ќе се согласат со овој договор, веднаш ќе стапи на сила целосен прекин на огнот.

24 декември 2025 - 12:44