Ако сте еден од оние кои мислат дека кариерата на Чомски се базира врз верглање исти тези, размислете уште еднаш, за него и за другите големи имиња во науката, дали е до нив, или до новинарите, кои го знаат само она едно нешто што нив ги направило славни, па макар тоа било и пред педесет години - во случајов, теоријата за универзална граматика. Добро што се сети да го праша и нешто за 2012..
Да почнеме со идејата која сите ја поврзуваат со вас, од 50-тите и 60-тите, за „универзалната граматика" која лежи во основата на сите јазици. Како изгледа таа денес, во 2012?
Тоа е речиси општо место. Има луѓе кои погрешно го толкуваат терминот, но можам да живеам со тоа. Сосема е јасно дека постои генетски фактор кој ги одделува луѓето од другите животни, и дека тој е поврзан со јазикот. Теоријата на таа генетска компонента, без оглед каква е таа, е она што се нарекува универзална граматика.
Но има и критичари, како Даниел Еверет, кој вели дека јазикот на амазонските племиња со кои тој работел е во контрадикција со важни аспекти на универзалната граматика.
Тоа не може да е точно. Овие луѓе се генетски идентични со сите други луѓе кога станува збор за јазикот. Тие можат да научат португалски совршено лесно, како што тоа го прават и малите Протугалчиња. Но тие имаат иста универзална граматика која ја имаат и сите останати. Она што го тврди Еверет е дека ресурсите на овој јазик не дозволуваат употреба на принципите на универзалната граматика.
Тоа може да се разбере. Може да замислите јазик сосема ист како англискиот, само да нема сврсници како „и" кои дозволуваат да формирате подолги изрази. Едно дете кое учи ваков „скратен" англиски нема идеја за ова: тоа ќе го научи како и стандардниот англиски. Во некој момент детето ќе открие дека ресурсите се толку ограничени што не можеш да се изразиш, но тоа се уште не кажува ништо за универзалната граматика, или за присвојувањето на јазикот. Всушност, се сомневам дека ваков јазик и воопшто би можел да постои.
Идеите за човечката природа природно се вклопуваат во вашето дело. Тоа е дискутабилен термин, па што подразбирате под него?
Таа за мене е исто што и природата на пчелата. Луѓето имаат одредени својства и карактеристики кои се инхерентни за нив, исто како и кој и да е друг организам. Тоа е човечката природа. Ние не знаеме многу за неа, освен за неколку нејзини домени. Знаеме прилично за тоа како се развива дигестивниот систем, тоа е дел од човечката природа. Знаеме некои нешта во врска со визуелниот систем. Што се однесува до когнитивните системи, оние кои се посложени и тешки за истражување, тука знаеме помалку. Но нешто постои. Јазикот е една од компонентите на човечкиот когнитивен капацитет, кој изгледа прилично отворен за истражување. Затоа и знаеме доста за него.
Во вашата нова книга велите дека голем број компоненти на човечката природа се премногу комплицирани за да можат да бидат истражувани.
Тоа е многу нормална појава. Земете ја, на пример, физиката, која се ограничува себеси на екстремно едноставни прашања. Ако молекулата стане пресложена, тие ја предаваат на биолозите. Ако системот им е пресложен, тие им го даваат на физиолозите...и така додека тој не падне во рацете на историчарите или писателите. Како што се соочувте со посложени и посложени системи, станува се' потешко да најдете длабоки и интересни својства.
Ако човечката природа е релативно фиксирана, како што велите, како тогаш постигнуваме општествена и политичка промена?
Човечката природа не е сосема фиксирана, но на која и да е реалистична стапка еволутивните процеси се премногу бавни за да влијаат врз нејзе. Внатре јазикот, на пример, имаме многу добри докази дека за последните 50,000 години не се случувала еволуција. Ова е одраз на фактот дека нашите основни капацитети не еволуирале.
Така, внатре една релистична временска рамка, нема да има каква и да е промена во човечката природа. Но таа дозволува голем број различни опции, а изборот помеѓу овие опции може да се менува, и се менувал. Така, постојат зачудувачки промени, дури и во текот на нашиот живот, околу тоа што прифаќаме како нешто што може да се толерира. Земете ги на пример женските права: ако одите назад не многу далеку во минатото ќе видите дека жените во основа се сметале за сопственост. Тоа е знак за експанзија на нашите морални сфери. Така што човечката природа останува иста, но многу нешта се смениле.
А што се случува со климатските промени и нивното одречување во САД?
Републиканската партија сега има свои доктрини, ставови кои се повторуваат, нешто како старата Комунистичка партија. Еден од нив ја одрекува климатската промена.
Зошто се случува ова?
Работата е што постои огромна пропагандна офанзија која ја раководат главните бизнис лоби групи, енергетските компании, и така натаму. Тоа не е тајна, тие се обидуваат да ги убедат луѓето дека науката е нешто на кое не можеш да се потпреш, дека тоа е измама на либералите. Оние кои сакаат да бидат финансирани од бизнисот и енергетските компании можат да бидат доведени во ситуација да го повторуваат овој катехизам. Или можеби тие навистина веруваат во него.
Медиумите во текот на годините беа еден од вашите главни интереси. Дали новите и социјалните медиуми навистина го менуваат начинот на кој ги правиме нештата?
Веројатно јас сум погрешниот човек за ова прашање. Како пештерски човек сум, не ги користам овие работи и не знам многу за нив, но тие секако се ефикасни. На пример, Occupy Wall Street немаше да се развие како што се разви без социјалните медиуми.
Дали тие влијаат и врз други нешта?
Тоа е отворено прашање. Нивната природа е да бидат површни, нема што многу да кажеш во твит, па дури ни во интернет пост. Речиси нужно мислам дека ова ќе води, или веќе довело, до извесна површност. Така, како и со останатата технологија, постои добра и лоша страна.
Сметате дека САД се во економски и политички пад. Дали ова важи и за интелектуалниот и научниот свет?
Па, има некои кои го тврдат тоа, но јас не сум убеден. На пример, во списанието Science, главниот уредник Брус Албертс има серија уреднички текстови во кои го развива начинот на кој науката се предава во САД. Во државно финасираните училишта и универзитети луѓето учат фактоиди; тие го учат периодниот систем на елементи и го меморизираат, но не разбираат за што служи. Алберт вели дека ова им создава погрешна слика на луѓето во врска со природата на науката, и дека ги ргнува децата од науката. Ако она што тој го опишува навистина го потисне образованието, тоа веројатно ќе води кон пад во научната компетенција и капацитет.
Навраќајќи се на вашата долга кариера, доколку почнете од почеток, дали повторно би го проучувале јазикот?
Кога бев студент, и се заинтересирав за лингвистика, главната грижа помеѓу студентите беше - ова е забавно, но откако ќе направиме структурна анализа на секој јазик во светот, што ќе остане? Се претпоставуваше дека во основа нема загатки.
Во 1950-тите, постоеше сериозен обид за да се решат суштествените проблеми на јазикот, и веднаш беше откриено дека сè е проблем, и дека ништо не разбираме. Сега имаме доста научeно, и повеќе ја разбираме природата на јазикот. Современото поле е се уште многу возбудливо. Тоа е жива област. Ако го предавате денес она што сте го предавале пред пет години, или полето згаснало, или вие сте умреле.