Според новообјавена студија нарачана од Федералната канцеларија за криминална полиција, 45,1% од муслиманите на возраст под 40 години во Германија во 2025 година имаат „скриени или очигледно изразени исламистички ставови“ - ги сметаат за точни исламистичките толкувања, привлечени се од салафизмот или организацијата Муслиманско братство или го претпочитаат шеријатот над Уставот.
Извештајот на речиси 600 страници од Мотра монитор - систем за следење на радикализација, истражува различни форми на екстремизам, вклучувајќи ги и десничарските движења.
Се забележува дека кај 11,5% од муслиманите под 40 години јасно е изразена радикализацијата. Издвоена е и многу поголема група од 33,6% со „латентни ставови за исламизам“ – лица кај кои радикализацијата сè уште не е отворено видлива.
Волфганг Кубицки, поранешен пратеник од Слободните демократи, оцени дека „секој што бара калифат е непријател на демократијата“.
Оваа студија треба да ги вклучи сите аларми. Тоа е општествена темпирана бомба. Политиката на наивно вртење на погледите придонесе за ваквиот развој. Не треба да зборуваме само за миграцијата, туку и за интеграцијата и религијата. Наивноста мора да престане, оцени Кубицки.

Министерот за внатрешни работи на Саксонија, Армин Шустер, предупреди дека се можни провокации против правниот поредок.
Мора да очекуваме дека, под маската на мултикултурализмот, ќе има сè поголем број целни провокации против законот и редот, на кои нашите безбедносни власти мора агресивно и енергично да се спротивстават од самиот почеток. Нашиот Устав и кривичното право не го признаваат шеријатскиот закон, изјави Шустер.
Тврдокорните ставови кон исламизмот се во пораст и меѓу муслиманите во Франција. Анкета спроведена лани од агенцијата Ifop покажува дека 44% од француските муслимани ги сметаат верските закони за поважни од државните. Процентот е уште повисок (57%) меѓу оние на возраст од 15 до 24 години. За 3% било утврдено дека имаат симпатии кон најрадикалната идеологија - џихадизмот.
Спротивно на ова, процентот на муслиманите што се за модернизирање на исламот се намалил од 48% од 1998 година на 21% лани. Помалку од една половина од испитаниците (49%) се изјасниле дека ги почитуваат француските закони во однос на ритуални колења животни, на бракот и на наследството.