Најголемиот комерцијален успех меѓу номинираните филмови на овогодинешните Оскари е анимираниот хит „Зутопија 2“ (Zootopia 2), кој досега заработи дури 1,86 милијарди долари ширум светот. Интересно е што франшизата во Европа има поинаков наслов - „Зутрополис“ (Zootropolis). Причината е данската зоолошка градина „Гивскуд Зоо“, која уште во 2009 година го регистрирала заштитниот знак „Зутопија“ во Европската Унија, седум години пред премиерата на првиот филм. Меѓу останатите големи бокс-офис успеси меѓу номинираните се „Аватар: Оган и пепел“ (Avatar: Fire & Ash), кој заработи 1,48 милијарди долари, додека најуспешниот филм во категоријата за најдобар филм е тркачкиот трилер „Ф1“ (F1) со 632 милиони долари.
Актерката Ема Стоун постави два рекорди. На 37-годишна возраст таа стана најмладата жена во историјата што има седум номинации за Оскар, надминувајќи ја Мерил Стрип, која ја достигнала таа бројка на 38 години. Стоун исто така е единствената актерка чијшто први пет номинации за Оскар се за филмови кои воедно биле номинирани и за најдобар филм. Во период од 11 години таа беше препознаена за улогите во „Брдмен“ (Birdman), „Омилената“ (The Favourite), „Бугонија“ (Bugonia), „Ла ла ленд“ (La La Land) и „Сиромашни суштества“ (Poor Things), а победи за последните два.
Филмот „Франкенштајн“ (Frankenstein) на режисерот Гиљермо дел Торо, снимен за Нетфликс, доаѓа дури 207 години по објавувањето на романот на Мери Шели од 1818 година. Ова е еден од најголемите временски јазови меѓу книжевно дело и филмска адаптација во историјата на Оскарите. Поголем јаз има, на пример, филмот „Том Џонс“ (Tom Jones, 1963), базиран на роман од 1749 година, „Хамлет“ (Hamlet, 1996), базиран на драмата на Шекспир од 1601 година, како и „О брате, каде си?“ (O Brother Where Art Thou, 2000), инспириран од старогрчката поема „Одисеја“, напишана околу 700 година пред нашата ера.
Младата актерка Чејс Инфинити, 25-годишна ѕвезда на филмот „Една битка по друга“ (One Battle After Another), има филмско потекло дури и во своето име. Таа е именувана според ликот Чејс Меридијан од филмот „Бетмен засекогаш“ (Batman Forever, 1995) и познатата реплика на Баз Лајтиер од „Приказна за играчките“ (Toy Story): „До бесконечноста и понатаму“.
Британската актерка Миријам Марголис се појавува во краткиот филм „Пријател на Дороти“ (A Friend of Dorothy), номиниран за најдобар краток игран филм. Но, таа никогаш не била номинирана за Оскар како актерка, што, како што самата признава, многу ја лути. Таа смета дека требало да биде номинирана за улогата во филмот „Ерата на невиноста“ (The Age of Innocence) на Мартин Скорсезе од 1993 година, но дека тоа не се случило затоа што Винона Рајдер била номинирана во категоријата за споредна улога наместо за главна.
Неколкумина од номинираните актери оваа година работат со режисери со кои имаат долготрајна соработка. Такви парови се Итан Хок и Ричард Линклејтер (девет филмови заедно), Мајкл Б. Џордан и Рајан Куглер (пет), Ема Стоун и Јоргос Лантимос (пет), како и Ренате Реинсве и Јоаким Трир (три).
Џеси Бакли може да стане првата Ирка што ќе освои Оскар за најдобра актерка. Иако ирски актерки како Сорша Ронан и Рут Нега биле номинирани, досега никоја не победила во оваа категорија. Бакли веќе освои награди на „Критикс чојс“, „Златен глобус“, БАФТА и наградите на актерите, па постои можност да стане првата што ќе победи на сите пет големи церемонии од времето на Рене Зелвегер во 2020 година.
Бред Пит, пак, прекина долгогодишен тренд. Неговиот филм „Ф1“ е номиниран за најдобар филм иако нема номинации за режија, сценарио или актерска игра – нешто што последен пат се случило со „Убавицата и ѕверот“ (Beauty and the Beast) во 1991 година.
Анимираниот хит „Кеј-поп ловци на демони“ (KPop Demon Hunters) има шанса да освои две награди: за најдобар анимиран филм и за најдобра оригинална песна со „Голден“ (Golden), изведена од измислената група Хантр/икс. Само два филма претходно го постигнале овој двоен успех: „Приказна за играчките 3“ (Toy Story 3) и „Снежното кралство“ (Frozen).
Три актерки – Роуз Бирн, Кејт Хадсон и Ејми Медиган – се единствените номинирани од своите филмови: „Да имав нозе ќе те шутнев“ (If I Had Legs I’d Kick You), „Сонг Санг Блу“ (Song Sung Blue) и „Оружја“ (Weapons). Историски гледано, ретко се случува актер да победи кога неговиот филм има само една номинација.
Тимоти Шаламе, пак, стана најмладиот актер од времето на Марлон Брандо што добил три номинации за актерска игра до својата 30-та година. Тој оваа година е номиниран за улогата во „Марти Суприм“ (Marty Supreme), но веќе го пропушти рекордот за најмлад победник, кој го држи Едриен Броди за „Пијанистот“ (The Pianist).
Интересно е и што само тројца норвешки актери во историјата биле номинирани за Оскар – а двајца од нив се токму оваа година. Ренате Реинсве и Инга Ибсдотер Лилеос се номинирани за улогите во семејната драма „Сентиментална вредност“ (Sentimental Value). Третата норвешка актерка со номинации е легендарната Лив Улман.
Филмот „Една битка по друга“ е веќе дванаесеттиот филм со Леонардо ди Каприо што е номиниран за најдобар филм, со што тој се израмни со Роберт де Ниро. Во исто време, режисерот Пол Томас Андерсон има шанса да освои три Оскари истовремено – за сценарио, режија и продукција.
Бразилскиот актер Вагнер Моура со „Тајниот агент“ (The Secret Agent) се приклучи на малата група актери номинирани за најдобар актер во филмови целосно на неанглиски јазик. Единствениот што досега победил во вакви околности е Роберто Бенини за „Животот е убав“ (Life Is Beautiful).
Големи временски паузи меѓу номинациите имаат и некои актери. Кејт Хадсон е номинирана првпат по 25 години, Бенисио дел Торо по 22 години, а Ејми Медиган дури по 40 години од својата прва номинација.
Актерот Делрој Линдо е номиниран за споредна машка улога иако не беше номиниран на БАФТА, „Златен глобус“ или наградите на актерите – нешто што ретко се случува. Ако победи, ќе биде првиот актер од 2001 година што освоил Оскар без претходна номинација на големите пред-церемонии.
Конечно, филмот „Хамнет“ (Hamnet) користи музика што веќе има богата историја на екранот: композицијата „За природата на дневната светлина“ (On the Nature of Daylight) од композиторот Макс Рихтер. Делото се појавило во бројни филмови и серии, меѓу кои „Пристигнување“ (Arrival), „Островот Шатер“ (Shutter Island), „Последните од нас“ (The Last of Us), „Приказната на слугинката“ (The Handmaid’s Tale) и дури во една епизода од британската серија „Истендерс“ (EastEnders).