Откако ги разбрка сојузниците, Трамп се прашува каде се

Доналд Трамп го криеше од сојузниците планот за напад врз Иран. Сега од нив бара помош за „глобална флота“ која би го деблокирала Ормускиот Проток и би ги заштитила танкерите. Ги предупредува Европејците дека НАТО ќе се соочи со „многу лоша иднина“, а бара помош и од Кина, Јапонија и Јужна Кореја, кои најмногу зависат од нафтата од Персискиот Залив.

Правилно е оние што имаат корист од сообраќајот низ Ормускиот Проток да помогнат за да се осигури дека таму нема да се случи ништо лошо. Ако нема одговор или ако одговорот е негативен, мислам дека тоа ќе биде многу лошо за иднината на НАТО, изјави Трамп во интервју за Фајненшл тајмс. 

На прашањето како сојузниците би можеле да помогнат, Трамп одговори „со сè што треба“. Го издвои испраќањето миноловци, кои Европа ги има многу повеќе од САД.

Имаме нешто што се вика НАТО. Не моравме да им помагаме за Украина, таа е илјадници километри далеку од нас... Но, им помогнавме. Сега ќе видиме дали ќе ни помогнат, бидејќи долго време велев дека ние ќе бидеме тука за нив, а тие нема да бидат тука за нас. И не сум сигурен дека ќе помогнат, додаде Трамп.

Тој директно ги повика земјите што се зависни од нафтата од Персискиот Залив да формираат глобална флота која на сила би го држела протокот отворен.

Се надевам дека Кина, Франција, Јапонија, Јужна Кореја, Британија и други, кои се погодени од оваа вештачка блокада, ќе испратат бродови во регионот, за да не биде Ормускиот Проток закана од нација на која ѝ е откината главата, изјави Трамп.

Јужна Кореја одговори дека планира „тесно да се координира“ со САД и „внимателно да го разгледа“ повикот од Трамп, а Јапонија дека „внимателно ги следи случувањата“.

Трамп е особено фрустриран од реакцијата на Британија, која во регионот испрати само осум морнари од специјализиран тим за деминирање мориња.

Британија може да се смета за сојузник број еден, со најдолг стаж..., ама кога ги замолив да дојдат, тие не сакаа. Откако практично го уништивме капацитетот на Иран, тие рекоа: „Па, ќе испратиме два брода“. Ни требаат овие бродови пред да победиме, а не откако ќе победиме. Долго време велам дека НАТО е еднонасочна улица, изјави Трамп.

Притисокот врз Трамп се зголемува и од домашната јавност, бидејќи две недели не објаснил ниту зошто ја почнал војната против Иран ниту како планира да ја заврши. Дури и неговите поддржувачи од движењето МАГА се сомневаат дека тој има план за излез од кризата. Првите американски жртви, поскапувањето на нафтата и потресите на финансиските пазари му го намалија рејтингот во период кога почнува кампањата за изборите за Претставничкиот дом и Сенатот.

Демократите само треба постојано да ги потсетуваат луѓето дека тој вети дека ќе ги намали цените, а тие сè уште растат. Поскапиот бензин може да ги зголеми цените на сè друго, изјави демократскиот стратег Бред Банон.

16 март 2026 - 08:53