Дата-центарот на копно, работниците на пловечки затвор

Инвеститорот на огромен центар за податоци во Норвешка, еден од најголемите во Европа, изнајмил голем брод што порано се користел како пловечки затвор за да ги смести накнадно ангажираните градежни работници. Изградбата на комплексот за кинеската компанија ByteDance веќе доцни шест месеци поради проблемите со наоѓање доволно работници.

Центарот со капацитет од 30 мегавати, кој се гради во Гломфјорд, мало индустриско село во Норвешка, е најавуван како „скапоцен камен“ на британската компанија Nscale. Но изградбата веќе доцни најмалку шест месеци и досега во функција се само 6,4 мегавати.

Иако имало хаварии, како пожар во електричните инсталации и сериозни протекувања во системите за ладење, главната причина за доцнењата според „Блумберг“ се проблемите со работната сила.

Условите за работа се исклучително тешки. Работници се жалат дека работат во екстремно долги смени, без соодветна обука и без воспоставени протоколи за здравје и безбедност. Истрага од норвешкиот Инспекторат за труд открила дека евиденцијата за вработените во Nscale е катастрофална. Во некои документи, на пример, било наведено само името на работникот.

За да се врати на проектираната временска рамка, Nscale е принуден да ангажира стотици дополнителни работници. Но, хотелските капацитети во Гломфјорд и околината веќе се преполнети, па бил изнајмен бродот „Калмар“.

Тоа е стара баржа без мотор надградена со соби на три ката, која порано служела како пловечки притворен центар за мигранти во Холандија. Има капацитет да прими околу 500 работници, кои преку ден ќе работат на градилиштето, а навечер ќе преспиваат во своите „ќелии“.

Како и на многу други места во светот, околу 1.000-те жители на Гломфјорд се загрижени поради изградбата на огромниот комплекс близу нивното село. Градоначалничката Грете Анита Андерсен истакна дека Nscale ќе отвори едвај 40 постојани работни места за локалните жители.

Вредноста практично оди на други места, а не останува во Норвешка. Тие само ги користат нашите природни ресурси, забележува Софи Мархауг, пратеничка од Социјалистичката партија.

Покрај Гломфјорд, Nscale гради уште 11 центри за податоци низ Европа и САД. Поранешната фирма што се занимаваше со „копање“ криптовалути на индустриско ниво, веќе склучи договори вредни 103 милијарди долари со технолошките гиганти како Мета, Гугл, Микрософт и Антропик, за изградба на инфраструктурата за нивните системи со вештачка интелигенција.

21 октомври 2026 - 08:50