Ако помине низ регулаторното сито, договорот за спојување би го поставил Трамп во позиција да ги прилагодува плановите на администрацијата за развој на фузиски реактори кон сопствените бизнис интереси и да ги елиминира конкурентите, предупредува Њујорк тајмс. Претседателот веќе се обиде да ги забрза безбедносните прегледи на новите нуклеарни централи и да ги намали праговите за прифатлива изложеност на зрачење.
Многу е проблематично ако претседателот и неговото семејство имаат голем удел во важен извор на енергија, предупредува Питер Брадфорд, поранешен функционер во независната Комисија за нуклеарна регулација.
Во трката за глобална доминација врз вештачката интелигенција, американските технолошки гиганти го предводат бранот на изградба на огромни центри за податоци, кои трошат многу енергија. За да се задоволи побарувачката, федералната администрација нареди забрзување на процесите за разгледување и одобрување на апликациите за изградба на енергетски капацитети, особено на нуклеарни. Трамп пред една недела потпиша извршна наредба со која на сојузните држави им го одзеде правото самостојно да ја регулираат ВИ.
Ни претседателот ни неговото семејство никогаш не се вклучиле ниту некогаш ќе се вклучат потенцијален судир на интереси, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.
Впечатливо е што Корпорацијата Трамп влегува во бизнисот на фузиски реактори, кој се смета за најважната технологија на иднината. За разлика од класичните фисиски реактори, кои генерираат струја од распаѓање на радиоактивни елементи, фузиските ја црпат енергијата од спојување на лесни изотопи на водородот. Овој процес е чист за околината, горивото е многу поевтино и нема опасност од ширење радијација при евентуална хаварија. Притоа се добива четири пати повеќе енергија во споредба со процесот на фисија.

САД учествуваат со партнери во меѓународниот проект за изградба на фузискиот реактор ИТЕР во Франција, но во бизнисот се вклучуваат и стартапи. Компанијата Хелион енерџи, на сопственикот на Опен АИ, Сем Алтман, во август почна да ја гради првата комерцијална фузиска нуклеарна централа, врз основа на прототипот Трента, кој разви критична оперативна температура од 80 милиони Целзиусови степени. Мајкрософт веќе склучи договор за напојување со струја од централата, кога ќе биде оперативна.
Кина доцна се вклучи во трката, но брзо напредува и во изминатите десет години имаше најмногу патенти за ова поле. За само две години го конструираше реакторот HH70, кој ја разви потребната температура за фузија. Новиот реактор HH170 треба да биде комплетиран во 2027 година и да биде десет пати поефикасен од својот претходник.